Голо Брдо – Македонскиот идентитет во срцето на Албанија

Голо Брдо е регион, кој со својата природна убавина, културно наследство и историја претставува значајно парче од мозаикот на македонскиот етнички идентитет во Албанија. Лоциранa југозападно од градот Дебар, оваа област опфаќа 21 село, кои претежно се населени со Македонци. Со векови, жителите на Голо Брдо го негуваат својотмајчин македонски јазик, обичаи и традиции, одржувајќи ја живата врска со своите корени, независно од економските, политичките и демографските предизвици со кои се соочуваат.

Географија и природа

Голо Брдо е планински регион кој плени со својата единствена недопрена природа. Богатите шуми, чистите реки и живописните предели се карактеристика на оваа област, која е изолирана од поголемите урбани центри. Селата се расфрлани по ридовите и планините, што ја прави областа атрактивна за сите туристи и намерници кои бараат автентично и тивко место за престој.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана – чувар на идентитетот

Во напорите за зачувување на македонскиот идентитет во Албанија, а со тоа и во областа Голо Брдо, значајна улога има „Македонското друштво “Илинден“-Тирана“. Ова друштво активно работи на промоција и заштита на правата на македонското национално малцинство, како и на зачувување на културата, јазикот и традицијата. Основано во 2009 година, Македонското друштво “Илинден“-Тирана“ се залага за признавање на правата на Македонците низ цела Албанија и нивно официјално признавање како малцинство во регионите каде што тие живеат. Преку културни манифестации, публицистичка активност и соработка со институции во Македонија, ова Друштво обезбедува платформа за Македонците од Голо Брдо, Гора, Мала Преспа и другите области со која ги поттикнува да ја изразат својата етничка припадност. Една од најзначајните активности на Друштвото е организирање на културни настани од македонската историја,

меѓу кои се одбележувањето на Илинденското востание, АСНОМ, Денот на независноста на Македонија, како и различни фестивали на македонската култура и уметност. Преку овие настани, Македонското друштво “Илинден“-Тирана успева да ги обедини Македонците од различните делови на Република Албанија и да им даде чувство на заедништво и припадност. Особено е важен придонесот на Македонското друштво “Илинден“-Тирана во областа Голо Брдо кој активно работи на зачувување на македонската традиција сред населението.

Зачувување на иднината

Голо Брдо е област која зборува за историјата, борбата и опстојувањето на македонскиот народ во Албанија. Сепак, иднината на овој регион зависи од напорите за решавање на економските предизвици, подобрување на животните услови и обезбедување на образовни можности на македонски јазик. Улогата на организации како Македонското друштво “Илинден“-Тирана е клучна во овој процес. Голо Брдо, со своите луѓе, јазик и култура, останува симбол на македонскиот идентитет кој опстојува, и покрај сите предизвици, во срцето на Албанија. Оваа област заслужува внимание, поддршка и напори за зачувување на нејзината уникатна културна и историска вредност.

 

 

  • Vesnik-ilinden