Барање мито, непрофесионално однесување, игнорирање пациенти, доцнење во пружање здравствена услуга. Овие се проблемите на кои се жалат македонските граѓани, инфрмираше денеска министерот за здравство, Азир Алиу.
„Триесет и девет лица поставиле прашања, ги имаат наведено и здравствените институции во кои се соочиле со проблем. За да бидеме сигурни дека она што го пријавиле е точно, имаме канцеларија која се занимава само со овие прашања. Со овие споменати институции ќе имаме состанок. Во моментов нема да обелоденам за кои здравствени институции станува збор“, рече Алиу на денешната прес-конференција.
По повод една година работа на Владата и еден месец откако тој раководи со ресорот здравство, Алиу кажа дека биле зголемени платите, дека успешно го решиле недефинираниот статус на приватните специјализанти.
„Младите лекари не се оставени сами. Стојам зад секој здравствен работник, градиме систем во кој ќе се изрази довербата. Прв пат е ажурирана позитивната листа на лекови. Во првиот месец, институцијата ја доближивме до граѓаните. Кабинетот на министерот е алатка за директна комуникација и слух. Граѓанинот има право на одговор а ние имаме обврска да реагираме“, рече тој, информирајќи и за здравствените установи кои се реконструирани или се во план да се реконструирааат.
slobodnaevropa.mk




