Грчкиот парламент во четвртокот вечерта со големо мнозинство ги легализираше граѓанските бракови за истополовите парови, со што стана првата мнозинска православна земја што го стори тоа.
„Гласањето помина: од вечерва, Грција е горда што стана 16-та земја на ЕУ што усвои закон за брачна еднаквост“, рече премиерот Киријакос Мицотакис во објава на социјалната мрежа Х, порано Твитер. „Ова е пресвртница за човековите права, која ја отсликува денешна Грција – прогресивна и демократска земја, страсно посветена на европските вредности“, додаде грчкиот премиер.
Во редок меѓупартиски консензус во Грција, левичарските, социјалдемократските и конзервативните пратеници го поддржаа предлогот, при што 176 од 300 гласаа за законот предложен од конзервативната влада на Мицотакис.
Против овој закон гласаа 76 пратеници, кои беа и од сите парламентарни партии. Двајца пратеници беа воздржани, а 46 од нив не учествуваа во процесот на гласање, соопшти собраниското претседателство.
nezavisen.mk