Грција ќе го забрза истражувањето на гас за да ја намали зависноста од Русија

Грција ќе го забрза дупчењето за јаглеводороди и истражувањето на гас за да ја намали зависноста од руските енергенси, соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Потегот дојде откако неколку други европски земји започнаа со обиди да ја намалат зависноста од руските енергенси, поради руската војна во Украина, која веќе трае 48 дена.

„Имаме показатели кои нѐ прават внимателни оптимисти“, рече премиерот Мицотакис за време на неговата посета на Управата за јаглеводородни ресурси, според јавниот сервис ЕРТ (ERT).

„Мораме со сигурност да знаеме дека има резерви кои се економски исплатливи да се извлечат. Ќе знаеме до крајот на 2023 година“, додаде Мицотакис.

Тој истакна дека намалувањето на зависноста од рускиот природен гас и потрагата по решенија за фосилни горива, што би ги обезбедиле потребите на земјата, како и попристапни цени, се единствените опции за Грција.

Напорите ќе бидат сконцентрирани во шест области, една во регионот на северен Епир и пет офшор локации со ексклузивни економски зони, меѓу кои Јонското Море, Кипарисискиот Залив и Крит.

Мицотакис, сепак, рече дека земјата нема да се откаже од својата долгорочна цел за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Како дел од намалувањето на зависноста од руски енергенси, на 7 април Грција најави дека ќе го удвои производството на лигнит.

Пред да започне војната помеѓу Русија и Украина, Русија обезбедуваше околу 40 проценти од потребите на Грција за природен гас.

извор: Агенција Анадолија (АА).