Земјоделците од Грција од денеска, 8 декември, ги засилуваат своите активности со дополнителни блокади откако веќе една седмица со трактори на различни локации низ земјата го стопираат сообраќајот.
Во моментов има над 20 локации со блокади, а меѓу нив се и граничните премини како кон Северна Македонија, така и кон Бугарија и Турција. Со стотици трактори, изминативе денови тие повремено ги затвораат граничните премини, секој ден во различен период.
Блокадата на најфреквентниот граничен премин кон Северна Македонија, „Евзони“ („Богородица од македонска страна, кај Гевгелија) ја спроведуваат земјоделци од областа Пеонија и градот Јаница со повеќе од 300 трактори. Тие се наоѓаат таму од минатиот понеделник, а граничниот премин периодично се затвора на неколку часа еднаш во попладневните часови по 12 часот, и потоа уште еднаш во вечерните часови по 18 часот по локално време.
Како што јави дописничката на МИА од Грција, се очекува оваа пракса да продолжи и денеска, иако одлуките, земјоделците ги носат на дневна база, по состаноци на надлежните комисии.
slobodnaevropa.mk




