Дали Израел ќе го нападне Хамас и во Истанбул?

По израелскиот напад врз претставници на Хамас во главниот град на Катар, Доха минатата недела, премиерот Бенјамин Нетанјаху најавува дека нема да застане во обидот да се ликвидираат членовите и раководството на терористичката организација.

По средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио во Ерусалим во понеделникот (15.09.2025), Нетанјаху се закани дека ќе продолжи со нападите врз лидерите на Хамас „каде и да се“.

Со оглед на фактот што голем број членови на Хамас веќе со години престојуваат во Истанбул, Турција, швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ (НЦЦ) го поставува прашањето: дали и турскиот град би можел да стане цел на израелските ракети?

„Од почетокот на 2000-тите, односно од подемот на АКП под водство на Реџеп Таип Ердоган, членови на Хамас престојуваат во Турција“, вели за НЦЦ Валтер Пош, експерт за Блискиот Исток при Академијата за национална одбрана во Виена.

Катар ја прифати политичката раководна структура на Хамас од 2012 година – затоа што тогашниот американски претседател Барак Обама сакаше да воспостави индиректен канал за комуникација со Хамас. „Парите на Хамас се наоѓаат во Катар“, вели Пош. „Прашањето е: што се наоѓа во Истанбул?“

Во Турција, Хамас нема ни официјална канцеларија. „Денес таму има неколку десетици водечки кадри на организацијата. Тие имаат пристап до највисоките политички кругови и се толерирани, но работат под големи ограничувања. Значи, не можат лесно да изградат организациска структура во Турција.“

Дали Израел би нападнал во земја членка на НАТО?
„Пред неколку дена ова прашање ќе беше незамисливо“, вели Нимрод Горен, директор на израелскиот тинк-тенк за надворешна политика Митвим. Тој смета дека израелски воздушен напад во Истанбул, и покрај изненадниот напад во Катар, е малку веројатен.

„Турција и Катар се многу различни: Израел и Турција одржуваат континуирани дипломатски односи од 1949 година, и покрај сите подеми и падови.“
Во моментов, тие односи се на најниско ниво: кон крајот на март, Ердоган го молеше Бог да го уништи „ционистичкиот Израел“. Воздушните врски меѓу Тел Авив и Истанбул се прекинати од 7 октомври 2023 година, а Турција ги прекина трговските односи со Израел. Неодамна, Бенјамин Нетанјаху го прогласи масакрот врз Ерменците во 1915 и 1916 година за геноцид, што Турција остро го осуди.

 

 

 

DW