Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски им ја честитаат Прочка на граѓаните, но побараа и прошка.
– Да простуваме и да ни биде простено, да продолжиме по патот кон градење успешно и среќно општество со рамноправни граѓани. Да се почитуваме меѓусебно, да се обединиме сите заедно околу вистинските вредности и да обезбедиме мир, пријателство и благосостојба за секој граѓанин“, пишува во честитката од премиерот Ковачевски.
Лидерот на опозициската партија вели дека е човечки и исправно да се побара прочка од оние кои му значат на човека.
„Простувањето е личен подвиг во кој човекот ги победува своите слабости, недостатоци и грешки кои сите ние ги имаме. Во најдлабоката суштина на сето ова е стремежот да бидеме подобри, почовечни, да ги сакаме ближните и да се бориме за работите кои веруваме. Во центарот на таа борба е иднината на нашите семејства, пријателите, народот, иднината на нашата Македонија. А, за тоа е потребно волја и верба, чист образ и многу работа. И во тој контекст никогаш не ми е тешко да ја побарам прошката за работите кои можеле да бидат поинакви и подобри, од моите блиски, соработниците, од народот во кој цврсто верувам“, се вели во честитката од Мицкоски.
vecer.mk