Грчките и турските министри го „кршат мразот“ во односите меѓу двете земји со куси меѓусебни разговори – шефовите на двете дипломатии во Охрид, на Преспа форумот за дијалог, а министрите за одбрана во Брисел на НАТО состанокот, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за први, неформални и куси средби откако во изминатиот период, особено по изјавата на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган дека за него грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис не постои, односите меѓу двете земји се особено затегнати со низа меѓусебни обвинувања.
Никос Дендиас и Мевлут Чавушоглу вчера беа во Охрид и учествуваа на Преспа форумот, но беа на одделни сесии, што се одржаа една по друга и се начекаа додека турскиот министер за надворешни работи пиеше кафе, па нивниот разговор што траеше не повеќе од 30 секунди беше токму за кафето, дали е турско, грчко или еспресо.
МИА