Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија, на покана на Македонско здружение “ВМРО-ДПМНЕ Албанија” присуствувавме на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Пред присутните ја нагласив и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија, кој во 21от век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел.
Македонската држава ќе биде столб на македонците во светот каде и да се, држава којашто е нивна татковина, држава којашто со отворени раце ги чека да дојдат дома и да бидат заедно со Македонците во Македонија.



