Постои ризик да се стават во промет производи кои содржат супстанци за кои на територија на ЕУ е утврдено дека се штетни по здравјето, а истите да не се забранети на територијата на нашата држава, предупредува Државниот завод за ревизија во најновиот извештај за ревизија на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Причината за ваквата состојбата е тоа што листата на забранети супстанции во козметичките производи не е ажурирана ниту една еднаш од нејзиното донесување во 2010 година и не ја следи праксата на Европската Унија (ЕУ).
Како што посочуваат од ДЗР, согласно членот 5 од Законот за безбедност на козметичките производи, во 2010 година Министерството за здравство има донесено листа на супстанции што не смеат да бидат користени во овие производи.
Како забранети, делумно забранети или времено дозволени во листата се наведени околу 1 600 супстанции. Оттогаш до денот на ревизијата оваа листа ниту еднаш не е ажурирана, нотира државниот ревизор.
Според ДЗР, недостатоци има и при испитувањето на квалитетот и исправноста на козметичките производи.
„Согласно информациите добиени од Инспекторатот, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) врши само ограничен број анализи и тоа: микробиолошка исправност на производите, определување на содржина на само неколку тешки метали (кадмиум, олово, никел и хром), pH-вредност и определување на содржина на површинско активни материи“, се наведува во извештајот на ДЗР.
slobodnaevropa.mk




