САД и Иран, според двете страни и тврдењето на посредникот Пакистан, се непосредно пред договор за завршување на војната. „Можеме да потврдиме дека е постигнат конечен текст на мировниот договор“, напиша пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф на онлајн платформата X.
Сепак, таквиот договор првично би бил само појдовна точка за подлабоки преговори. Најтежок камен на сопнување: нуклеарната програма на Иран. Според извештаи од двете земји, решение за ова прашање треба да се постигне во рок од 60 дена.
Колку ситуацијата останува тешка, покажува и нов инцидент во Ормускиот теснец. Американската војска рано утрово (13.06) повторно јави за повеќе напади со беспилотни летала од страна на Иран врз трговски бродови во теснецот во Персискиот Залив. „Американските вооружени сили ги соборија сите во последните часови, додека бродскиот сообраќај низ теснецот непречено продолжува“, соопшти надлежната американска регионална команда Центком на X.
Иранскиот министер за надворешни работи: Договорот е на дофат
Според американскиот претседател Доналд Трамп, документите за првиот рамковен договор наскоро треба да бидат подготвени и можеби ќе бидат потпишани веќе овој викенд – можеби во Европа. Висок американски функционер во петокот, сепак, јасно стави до знаење дека засега не е сигурно дали навистина ќе дојде до тоа. Повеќето одговорни во Иран се за договор, „но не сите“.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, пак, на платформата X напиша дека изјавата за намери е на дофат. „Сè до конечната изработка, медиумите треба да се воздржат од шпекулации за нејзината содржина“, додаде тој.
DW




