Драма на отворено море: Ивица Костелиќ едвај спасен од давење во Црна Гора!

Еден од брзите патролни чамци на црногорската морнарица синоќа спасил две лица кои се изгубиле во морето во близина на устието на реката Бојана во Јадранското море, потврдиле од Министерството за одбрана на Црна Гора, објави sport1.mk.

Едно од спасените лица е познатиот хрватски скијач, Ивица Костелиќ, а заедно со него спасен е и француски државјанин, кои, наводно, се движеле со кајак во близина на устието. Акцијата за спасување започнала вечерта, кога Поморскиот оперативен центар во Бар добил информација дека две лица се наоѓаат во морето на неколку милји од Ада Бојана. Во потрагата учествувал и хеликоптер на Војската на Црна Гора. Силниот јужен ветер и бранови повисоки од три метри ги превртеле нивните кајаци, но благодарение на брзата реакција на припадниците на црногорскиот систем за потрага и спасување, тие биле лоцирани и безбедно извлечени од водата.

Спасените лица се во добра здравствена состојба, но како мерка на претпазливост биле предадени на екипа на Итната помош во Лука Бар, каде што патролниот чамец пристигнал околу 22.45 часот. Костелиќ до 2017 година настапуваше на трките од Светскиот куп во скијање, во кои има 15 победи во слалом и една во супервелеслалом. Тој има четири олимписки сребра и е поранешен светски шампион во слалом. Познат е и како брат на Јаница Костелиќ.

извор:sport1.mk