Во Хаг е седиштето на два големи меѓународни судови кои може да се помешаат. Од едната страна таму се наоѓа Меѓународниот суд на правдата на Обединетите нации (МСП), кој решава спорови меѓу држави и е сместен во историската Палата на мирот. Од другата страна е Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој од 2002 година пред лицето на правдата изведува лица одговорни за воени злосторства и се наоѓа во многу посовремена зграда од стакло и бетон. Во него не се потписнички сите 193 членки на ОН, туку само 125 држави кои ја признаа неговата надлежност. Меѓу оние кои не го сторија тоа се САД, Русија и Кина, како и некои држави од Азија и Северна Африка. Кога американскиот државен секретар Марко Рубио неодамна се закани дека ќе го „демонтира судот цигла по цигла“, беше јасно дека се мисли на Меѓународниот кривичен суд. Во соопштението неговото министерство ги наведува инструментите кои САД ги разгледуваат во нивната кампања против судот.
Меѓу другото, САД би можеле да воведат забрани за влез на вработените во МКС, или да ги заострат санкциите против судот и со него сродните организации. Дури се споменува и зголемен надзор врз државите „кои одбиваат да го отфрлат лажниот авторитет на МКС, а истовремено користат американска помош“.
DW




