ЕАСА алармира: Да се избегнува иранскиот воздушен простор

Европската агенција за безбедност на воздухопловството (ЕАСА) ги повикува авиокомпаниите засега да го избегнуваат иранскиот воздушен простор. Во соопштението се додава дека претпазливост е потребна и во воздушниот простор на соседните земји, особено доколку таму има американски воени бази.

Предупредувањето е реакција на затегнатата состојба во Иран и важи првично еден месец. Како причина, ЕАСА меѓу другото наведува дека иранската противвоздушна одбрана е во зголемена состојба на готовност поради можната воена акција од САД. Ова претставува ризик и за цивилната авијација. Агенцијата додава дека внимателно ја следи состојбата за да може да ја процени опасноста.

САД очигледно ја засилуваат својата воена присутност
Од почетокот на масовните протести против авторитарниот режим во Иран кон крајот на декември, американскиот претседател Доналд Трамп неколкупати му се закани на Иран со интервенција. Според медиумските извештаи, САД во моментов ја засилуваат својата воена присутност на Блискиот Исток.

Носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ и придружни бродови се на пат од Јужнокинеското Море кон регионот, објавија „Њујорк Тајмс“ и порталот „Аксиос“. Пентагон засега нема официјална потврда за распоредувањето.

 

 

 

DW