Една година од победата на Трамп: Сета моќ на Белата куќа

Сета моќ во рацете на Белата куќа – една година по изборите во САД, Доналд Трамп го спроведе во пракса ваквиот концепт. Со помош на декрети во кои претседателот се повикува на национална вонредна состојба, уште во првите месеци од мандатот Трамп се погрижи за отпуштање на стотици илјади државни службеници и притворање на имигранти без судска постапка.

Покрај тоа, произволно воведе царини, ги укина прописите за заштита на потрошувачите и еднаквоста, и ги блокираше сојузните средства за универзитетите, еколошките и социјалните програми – иако Конгресот ги имаше одобрено. Освен тоа, ја распореди и војската во внатрешноста на земјата.

Како претседател, може да преземе што било доколку процени дека земјата е во опасност, тврди Доналд Трамп.

Политизација на државните институции
Трамп се потпира на доследно политизирање државните институции. Федералната полиција и обвинителите спроведуваат истраги против неговите политички противници. Во градови управувани од опозицијата има депортациски рации.

Стејт департментот доделува и одзема визи врз основа на политички критериуми, додека надзорните тела за животна средина, медиуми или заштита при работа ги предводат лица лојални на Трамп. Дури и војската се користи како политичко средство, предупредува демократската сенаторка Мелиса Слоткин од Мичиген:

„Трамп сета моќ на владата ја користи против Американците што ги смета за непријатели, за тој и сличните на него никогаш да не мора да ја предадат власта. Во тоа, според мене, лежи врската меѓу неговата дефиниција за ‘домашни терористи’ и распоредувањето на војската во американските градови. Натаму се движиме“, вели Слоткин.

Врховниот суд – сојузник или чувар на уставноста?
Клучна улога во вториот претседателски мандат на Трамп има Врховниот суд, чиј состав во голема мера е номиниран од него. Мнозинството судии се сметаат за пријателски настроени кон Трамп и неговата администрација.

Само во последната година, администрацијата „Трамп Два“ поднесе 27 итни барања до Врховниот суд за потврдување на уставноста на своите постапки. Од нив, 17 случаи се решени во корист на претседателот, а четири сè уште се во тек.

 

 

DW