Доколку околностите во Србија беа нормални, Борис Којчиновиќ од Нови Сад денес ќе прелистуваше водичи за магистерски студии во странство. Наместо тоа, тој паралелно прелистува литература за својата дипломска работа и списоци на волонтери за протестот.
Борис е едно од лицата на студентското движење кое, како што велат неговите другари, ја разоткри очигледната вистина: дека корупција и системска небрежност доведоа до уривање на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 16 лица.
„Нашата победа е што луѓето сфатија дека нешто не функционира и дека ни треба праведно општество со институции што функционираат“, вели Којчиновиќ за ДВ.
Под слоганот „Рацете ви се крвави“ и црвените отпечатоци од дланки кои што го преплавија и онлајн и офлајн просторот, движењето прерасна во мрежа на поддржувачи ширум земјата и дијаспората. Студентите, сакајќи нивниот копнеж по правда да биде слушнат колку што е можно повеќе, шетаа низ градовите, разговараа со луѓето и го охрабруваа самоорганизирањето – дури и контури на генерален штрајк.
Во тој маратон ја завршија првата година: научија да планираат, да преговараат, да издржат – но не и да ја натераат владата да преземе одговорност.
Власта, од друга страна, проба сè: да ги „омекне“ студентите со евтини станбени кредити, професорите со повисоки плати, а потоа да ги заплаши бунтовните граѓани со таргетирање, физички напади и силни полициски интервенции. Ниту една од овие тактики не даде резултати.
Нова општествена клима, стари политички односи
„Тоа е рамнотежа на немоќ“, изјави за ДВ политикологот Зоран Стојиљковиќ. Таа оценка сè уште важи, додава Бојан Клачар, извршен директор на Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСИД). „Се наоѓаме во политичка криза која не е целосно решена и за која не гледаме конечен епилог во блиска иднина“.
Владејачката коалиција е поконсолидирана отколку пред шест месеци, кога протестите беа во својот врв, но сè уште нема целосна контрола врз процесот, ниту ја има својата стара доминација. „СНС беше претежно во дефанзива до крајот на април. Денес, може да поставува дневен ред – и тоа го прави“, вели Клачар.
Ни студентите не се во подобра стартна позиција. Клачар вели дека движењето силно ја промени општествената клима, но не и политичките односи.
„Ниту во однос на инфраструктурата, програмата, идеологијата, ниту на нивото на енергија што постои во овој момент, не се подготвени да го свртат процесот во нивна корист. Значи, двата блока се во игра на трпение, игра на нерви и одреден вид исцрпување“, додава Клачар.
Изборите се најсилниот адут
Расплетот што го посакуваат студентите се избори и тоа е класичниот начин за решавање на ваквите политички кризи, вели Бојан Клачар. Владата, меѓутоа, ретко зборува за избори. Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека тие ќе се одржат следната година, но не прецизираше кога. Клачар смета дека датумот на изборите е најсилниот адут на СНС, бидејќи може да го избере времето и на тој начин да остане еден чекор пред своите противници.
„На СНС најмногу би ѝ одговарало ако изборите се одржат за околу една година или нешто подоцна“, вели Клачар. Сепак, дотогаш, владата ќе мора да понуди повеќе „добри вести“ и да ги реши акумулираните меѓународни проблеми – од санкциите врз Нафтената индустрија на Србија до можните тешкотии во снабдувањето со гас. „Без решавање на овие прашања и без обезбедување на стабилност што ја претпочитаат гласачите на СНС, не сум сигурен дека партијата ќе биде целосно подготвена за избори“.
За студентите, од друга страна, клучни се два услова: одржување на висока протестна енергија и создавање референдумска атмосфера.
„Кога се креира референдумска атмосфера, некои недостатоци се поместуваат во втор план. Не се важни имињата, не се важни луѓето кои се на листа, не се важни темите, не се важни идеолошките позиции, не се важни ставовите кон Косово или Република Српска, плановите за НИС или плановите за европска интеграција“, објаснува Клачар.
DW




