Европската унија во понеделник (15.06) ќе ги започне пристапните преговори со Украина и Молдавија. Како што соопшти актуелното кипарско претседателство со Советот на ЕУ, државите членки по завршувањето на унгарската блокада се договориле за заедничка позиција за првиот преговарачки сегмент и со тоа ги завршиле неопходните подготовки.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм се заблагодари за „силниот чекор за Европа“ и ѝ честиташе и на соседна Молдавија. „Украина прави што е неопходно и нам ни е важно што и ЕУ се држи до својот збор“, напиша тој. Според Зеленски, отворањето на првото преговарачко поглавје е значајна политичка и морална поддршка за неговата земја.
Молдавската претседателка Маја Санду, според информации на молдавската телевизија, во разговор со претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, рекла дека нејзината земја ја завршила неопходната работа и дека и натаму ќе ги спроведува потребните реформи.
Унгарија ја прекинува блокадата
Пристапните преговори на ЕУ со Украина и Молдавија всушност формално беа започнати уште во јуни 2024 година. Отворањето на првиот преговарачки сегмент со Украина, меѓутоа, беше блокирано од страна на Унгарија со вето. Дури по смената на долгогодишниот унгарски премиер Виктор Орбан во април годинава повторно се појави придвижување во процесот.
Новиот унгарски премиер Петер Маѓар минатата недела пријави постигнат договор со Украина за зајакнување на правата на малцинствата на етничките Унгарци во источната соседна земја. Маѓар го постави ваквиот договор како услов за да се согласи со пристапните преговори на ЕУ со Украина.
Долг процес – со неизвесен исход
Во првиот преговарачки кластер, земјите, меѓу другото, мора да покажат дека нивниот правосуден систем и јавната администрација одговараат на стандардите на ЕУ. Процесот на пристапни преговори е тематски поделен на шест сегменти (кластери) со вкупно 33 таканаречени поглавја за кои се преговара.
Преговорите по правило се протегаат со години, а не е сигурно ниту дека ќе бидат успешно завршени. Пристапните преговори на ЕУ со Турција, на пример, беа започнати уште во 2005 година, меѓутоа денес, поради континуираните назадувања на земјата во областите демократија, владеење на правото и основни права, се целосно замрзнати.
DW




