ЕУ загрижена за проектот на Кушнер во Албанија

Огромен луксузен туристички комплекс на заштитениот албански брег, поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, предизвикува протести во момент кога земјата напредува кон членство во Европската Унија.

Багери, бодликава жица и приватно обезбедување кое физички оттурнува демонстранти на песокот – тоа се сцени кои Албанија не сакаше да се појават на насловните страници, само неколку дена по позитивните сигнали од Брисел за напредокот во пристапните преговори со ЕУ.

Сепак, токму тоа се случи во областа на лагуната Нарта – заштитено подрачје на југот на земјата.

Во центарот на спорот е планираниот проект на полуостровот Звернец, туристички комплекс поврзан со Кушнер. Она што започна како спор околу градба во заштитена зона, прерасна во поширока дебата за развојот, заштитата на животната средина и иднината на Албанија во Европската Унија.

На само осум километри од Валона, инвеститорите планираат проект кој може да стане еден од најголемите туристички потфати во историјата на земјата. Компанијата наведува дека инвестицијата би можела да надмине четири милијарди евра и да отвори повеќе од 10.000 работни места. Премиерот Еди Рама го опиша проектот како стратешка инвестиција што може да ја позиционира Албанија меѓу водечките светски туристички дестинации.

Заштитено подрачје под притисок
Пиш Поро–Нарта е едно од најзначајните заштитени крајбрежни подрачја во Албанија. Лагуни, мочуришта, борови шуми и песочни дини претставуваат живеалиште за стотици видови, како и важна станица за преселни птици на патот меѓу Европа и Африка.

Утрото на 30 мај, активисти поминуваа низ шуми и дини за да стигнат до градилиштето, каде што ги пречекаа градежни машини, новопоставени огради и приватно обезбедување.

Снимките објавени на социјалните мрежи покажаа како демонстрантите се отстрануваат со сила од локацијата, што предизвика силна реакција во јавноста. Во деновите што следеа, илјадници луѓе протестираа во Тирана под слоганот „Албанија не е на продажба“, барајќи итно запирање на проектот.

Еколошките организации исто така побараа целосна транспарентност на документацијата, тврдејќи дека клучните одлуки не се доволно јавно објаснети.

Екологот Бесјана Шеху, коосновач на Албанското орнитолошко друштво, повеќе од една деценија работи на заштита на ова подрачје. Таа посочува дека настаните од 30 мај претставуваат пресвртна точка.

„Ова не е само локален спор околу ограда, пат или градилиште, туку прашање на начинот на носење одлуки и недостигот на транспарентност“, изјави Шеху за ДВ.

Станува збор за еколошкиот интегритет на над 18.000 хектари од еден од најважните природни коридори во Албанија.

 

DW