За големиот Христијански празник, Богојавление – Водици – многу студено наутро, преку ден сонце, а по котлините магла!

За големиот Христијански празник, Богојавление – Водици, кога огромен број на граѓани скокаат по светиот крст, но и се капат за здравје во водите на реките  и езерата во нашата Република Македонија, времето ќе биде стабилно, суво и сончево, а ќе биде  и претежно тивко. Утрото ќе биде многу студено, а преку ден ќе биде малку попријатно топло за разлика од сега.

Сепак, поради антициклонот кој ќе се наоѓа над нашата територија, но и поради зголемената влажност во воздухот, по котлините ќе растат условите за појава на магла  и на ниска облачност, која ќе биде најгуста во ноќните  и во утринските часови, па така преку денот за Водици во овие котлини ќе остане  и постудено со пониски дневни температури на воздухот.

Во Скопје исто така за овој голем  Христијански празник и тоа во пониските предели од котлината ќе растат условите за појава на магла  и на ниска облачност, особено изразена во ноќните  и во утринските часови. На околните планини ќе биде претежно ведро и сончево, но и тивко.

Наутро температурите скоро насекаде ќе се спуштаат под нулата, што значи утрото ќе биде многу студено со минимални температури кои ќе се спуштаат во интервалот од -9 до 1 степен, додека максималните дневни температури за Водици ќе се искачуваат во интервалот од 4 до 10 степени. Во Скопје наутро температурата ќе се спушти до околу -5 степени, додека максималната температура ќе се искачи до околу 4 степени, најавува метеоптогнозерот Славчо Попоски.

 

 

 

meteoalarm.mk