Зголемен водостој на реките низ земјава

Секторот за хидрологија при УХМР соопштуваат дека поради врнежите од дожд во текот на денот е забележано зголемување на водостојот на речиси сите водотеци низ државата. Според хидролошките податоци, значително висок водостој е евидентиран во горниот дел од сливот на реката Вардар, во гостиварскиот и пелагонискиот регион, како и на реките Сатеска и Радика, заедно со нивните притоки.

Висок водостој е забележан и на реката Треска, вклучително и на помалите реки и притоки во нејзиниот слив, при што е констатирана брза реакција на врнежите од дожд и зголемен број на помали реки и суводолници пред сѐ во западниот дел од земјата.

На истокот, зголемен водостој се бележи на реката Струмица и во горниот дел од сливот на реката Брегалница.

Од УХМР информираат дека врнежите ќе продолжат и до крајот на денот, како и во текот на ноќта, особено во западните делови на земјата, поради што се очекува водостојот во посочените сливни подрачја да остане висок. Постојат услови за локални излевања на помалите реки и суводолници, како и на делови од каналската мрежа за наводнување и одводнување, како и можност за појава на одрони и свлечишта.

Надлежните предупредуваат на зголемено и претпазливо движење покрај реките и суводолниците во вечерните часови и во текот на претстојната ноќ.

skopjeinfo.mk