Зеленски го осуди „циничниот терор“ откако руските напади го исклучија греењето за стотици илјади луѓе

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека најновите напади на Русија врз неговата земја претставуваат „свесен, циничен руски терор“, додека земјата и понатаму се соочува со смртоносни напади и голема штета врз енергетскиот систем во услови на ледени зимски температури.

Зеленски рече дека во текот на изминатата недела Русија употребила речиси 1.100 дронови, повеќе од 890 наведувани воздушни бомби и над 50 ракети од различни типови против Украина.

„Во многу региони состојбата е тешка по руските удари врз нашата критична инфраструктура“, изјави Зеленски и им се заблагодари на работниците од итните служби за обновувањето на основните услуги.

Тој исто така изјави дека Русија употребила балистички ракети со среден дострел „против цели кои немаат никаква воена намена: енергетски објекти, станбени згради…“

„Тоа е свесен, циничен руски терор против народот“, додаде претседателот на Украина.

 

 

slobodnaevropa.mk