Зошто Македонија остана без центар за изгореници?

Медицински тимови на Израел, Белгија, Србија и други земји деновиве пристигнаа во Северна Македонија којашто се бори за животот на десетици млади луѓе повредени во катастрофалниот пожар во импровизираната дискотека во Кочани. Бројката на оние коишто се во критична состојба и се испраќаат на лекување во странство секојдневно расте. Сите соседни земји подадоа рака за згрижување и лекување на децата со изгореници и со респираторни проблеми поради вдишување на јаглероден моноксид.

„Сите пациенти имаат тешки сериозни повреди опасни по живот. Површината на телото погодена од повреди на изгореници се движи до 25%. Сите тие имаат симптоми на интоксикација и изгореници на дишните патишта и затоа повредите се опасни по живот“, соопштија лекарите од Белгад, каде што на лекување завршија осум потешко повредени млади луѓе, кои во неделата присуствувале на концертот на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Слични информации пристигнуваат и од Хрватска, каде тимови на лекари се ангажирани за третман на повредените.

Информациите коишто пристигнуваат дека бројката на оние коишто побарале помош по несреќата постојано расте, во јавноста ја наметна дилемата зошто Северна Македонија нема центар за изгореници, со што е една од ретките земји од регионот којашто не е во можност да им излезе во пресрет на граѓаните коишто имаат потреба од ваков тим на лекување.

Зошто е затворен центарот за изгореници?
Првиот официјален Центар за изгореници е формиран со формирањето на Воената болница во Скопје, под раководство на д-р.Крсте Митановски, според стратегијата на здравството на ЈНА. Центарот е затворен за да се ослободи за приватната Кардиохирургија ,,Жан Митрев”. Вториот Центар за третман на изгореници е отворен во 2000 година во Градска општа болница – Хирургија, сегашна Клиника за хируршки болести ,,Св.Наум Охридски” во Скопје, а е ставен вон функција во 2016 година.

Премиерот Христијан Мицкоски, но и надлежните од здравството деновиве излегоа со изјави дека и кога би бил во функција Центарот за изгореници, тој би имал капацитет за четири до пет пациенти. Според Мицкоски, македонскиот систем покажал дека е жилав и дека може да се справи со ваков бран, како што и здравствениот систем покажал дека е спремен да се соочи со големи предизвици.

„Нашиот здравствен систем покажа дека е жилав и дека може да прими ваков бран којшто е можеби голем предзивик и за многу пософистицирани здравствени системи и за многу поголеми држави од нашите и јас им честивувам и сум благодарен и од мое, но и од името на Владата“, изјави премиерот при посетата на Кочани.

Но, докторката Добрила Андоновска, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија со 35 годишно работно искуство во јавното и приватното здравство, којашто е основоположник на Центарот за третман на изгореници, за што стручно се едуцирала во Љубљана, Загреб, Софија и Оксфорд, во јавна објава образложи зошто на земјата и е неопходен еден ваков центар.

„Имаме неискористени капацитети кои може да се пренаменат, имаме врвни активни пластични хирурзи, детски хирурзи, трауматолози, врви анестезиолози и реаниматолози и други специјалности, одличен и искусен медицински персонал.Останува да помине овој шокантен период, да заврши со добро лекувањето на сите пациенти независно дали се лекуваат во Македонија или во други држави, па да се седне со ладна глава и да се направи стратегија за формирање на современ Центар за изгореници кој би бил од огромно значење за пациентите, здравствените работници и државата не само од здравствен туку и од стратешки аспект“, посочува таа.

Аргументите на Андоновска се дека бројот на случаи на коишто им е потребен ваков третман во земјата годишно е многу поголем од „два-три“. За период од речиси 16 години, во Центарот се лекувале 1.316 пациенти со екстензивни изгореници, просечно 84 пациенти годишно со ,,тешки” изгореници, а не два пациенти годишно, како што изјавија надлежните.

„Дополнително околу 20 – 30 пациенти годишно со друга тежина на изгореници кои се лекуваа на одделенијата за Пластична хирургија и за Детска хирургија, што значи дека во оваа болница се лекуваа нешто над 100 пациенти годишно. Да претпоставиме дека се лекувале уште 20 во други установи, тоа се 120 пациенти годишно, на државно ниво“, наведува докторката.

Место регионален центар – без никаков центар
Во Центарот се лекувале и страни државјани како приватни пациенти и имало тенденција да прерасне во регионален Центар. Секвелите од изгорениците како лузни, контактури и други деформитети се лекувале во оваа установа. Огромен број на пациенти со изгореници кои се третирале и во амбулантно – поликлинички услови од страна на броен тим на специјалисти и бројни други млади доктори специјализанти, кои во меѓувреме станале врвни анестезиолози во јавното и приватното здравство.

„Центарот функционираше како посебен оддел на одделението за Пластична и реконструктивна хирургија, сместен во посебен дел од болницата со посебен надворешен влез. Тој беше опремен со најсовремена опрема од јапонската Влада – Интензивна нега со два Клинитронови системи од француско потекло, какви што постоеја во регионов единствено во Пирогов – Софија (околу 40 – 50 на број). Овие компјутеризирани системи овозможуваа специјални микроклиматски услови: аерација, температура, влажност и пациентите лежеа како во бестежински простор на ,,кади” исполнети со силиконски песок кој ,,врие” поради проток на воздух“, се присетува докторката.

Центарот располагал со посебна операциона сала за изгореници каде шесте специјалисти по пластична хирургија, со анестезиолози вршеле оперативни зафати и преврски во општа анестезија. Била формирана и Банка на амнионски мембрани, а лекарите оделе на обука во познати клиники во регионот и во Европа.

Лекувањето е скапо – но не е поскапо од човечкиот живот
Лекувањето на тешките изгореници е повеќемесечно и ’скапо’ го чини Фондот, но ништо не е поскапо од човечкиот живот. Андоновска посочува дека ако се иземе актуелната ситуација каде бројни пријателски држави прифатија лекување на повредените (најбројни во Србија и Бугарија), искуството покажало дека лекување на еден пациент со изгореници во европска држава би го чинело Фондот минимум 150 – 250 илјади евра.

„Бидејќи сме социјална држава, секој пациент за чие лекување нема услови во македонското здравство има право да се лекува во друга држава на товар на Фондот“, вели таа.

Поради тоа, се поставува прашањето дали државата ќе ја чини помалку да формира современ Центар за изгореници или да испраќа пациенти на повеќе – месечно лекување надвор? Андоновска е децидна – земјата мора да формира современ Центар за изгореници со минимум 50 легла.

 

 

DW