Зошто Трамп го присвојува и Панамскиот канал?

Реизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги повторува заканите дека ќе ја преземе контролата врз Панамскиот канал, додека панамската влада инсистира дека нивниот суверенитет над водениот пат не може да се доведе под прашање.

Очите на светот повторно се насочени кон тој стратешки поморски премин што ги поврзува Атлантскиот и Тихиот океан. Еве неколку факти за Панамскиот канал:

Кој го изгради Панамскиот канал?
Трамп сака да го потсети светот дека Соединетите Американски Држави го изградија каналот пред повеќе од еден век и на тој начин доведоа до еден вид револуција во поморскиот сообраќај. Сето тоа е постигнато со огромна цена на човечки животи.

Пред 1914 година, бродовите кои сакале да преминат од Атлантикот до Тихиот Океан морале да тргнат на опасно, повеќемесечно патување низ Јужна Америка. Дури и на современите бродови им требаат околу две недели за да го направат тоа патување, додека за преминот низ каналот им требаат само осум до десет часа.

Трамп неодамна тврдеше дека 35.000 или 38.000 „Американци“ загинале за време на изградбата на Панамскиот канал помеѓу 1904 и 1914 година. И додека илјадници животи навистина биле изгубени за време на изградбата поради маларија, жолта треска, несреќи и други фактори, не е јасно што е позадината на проценката на Трамп.

Официјалниот број на загинати за време на изградбата е околу 5.600, иако вистинскиот број може да биде поголем. Сепак, повеќето од работниците на градилиштето биле од Барбадос. Според Метју Паркер, автор на книгата „Пеколна бездна: Битката за изградба на Панамскиот канал“, бројот на Американци кои загинале за време на изградбата веројатно бил околу 300.

Можно е Трамп да ги помешал животите изгубени за време на обидот на САД да го изгради каналот со претходните, неуспешни француски обиди. Францускиот проект од 1880-тите ги однел животите на 20.000 и 25.000 работници, од кои речиси ниту еден не бил Американец.

Зошто Панама управува со каналот?
САД управуваа со каналот со децении по неговото отворање. Меѓутоа, во 1977 година, претседателот Џими Картер се согласи постепено да ја предаде контролата врз зоната на панамската влада. Договорот предвидуваше дека каналот ќе остане неутрален и отворен за бродови од сите нации. САД исто така го задржаа правото да го бранат од каква било закана.

Во 1999 година, САД го завршија повлекувањето од Панама. Оттогаш, со каналот управува владата во Панама Сити. Трамп неодамна, во прилично неразбирливо тврдење, ги обвини „прекрасните кинески војници“ дека незаконски управуваат со каналот. Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино ги отфрли тврдењата како глупости: „Нема кинески војници во каналот“, рече Мулино на почетокот на јануари.

Иако нема индикации за кинеско воено присуство во областа, некои американски набљудувачи изразија загриженост за двете пристаништа, со кои долго време управува филијалата на CK Hutchison Holdings во Хонг Конг, како и за потенцијалните протекувања на податоци. Исто така, соработката на Панама со Пекинг за финансирање на нов мост преку каналот предизвика загриженост во Вашингтон.

 

 

 

DW