Избори во САД: Сѐ помалку луѓе им веруваат на резултатите

Нов рекорд: на 15 октомври, вторник, на првиот ден од „предвременото гласање“ во јужната американска сојузна држава Џорџија, својот глас го дале над 310.000 гласачи. Во САД денот на изборите не е недела или празник, туку обичен вторник. На овој ден често има долги редици пред избирачките места. Ако немате време да чекате во ред со часови за да гласате, во повеќето држави тоа можете да го направите неколку недели пред претседателските избори на 5 ноември.

Во Џорџија, на првиот ден од предвременото гласање, својот глас го дале повеќе од двојно повеќе луѓе отколку што тоа го сториле на првиот ден од предвременото гласање на последните претседателски избори. Ако е до Изборната комисија на Џорџија – телото одговорно за спроведување на изборите – работниците на изборната комисија најверојатно би имале многу работа по 5-ти ноември. На крајот на септември тамошната влада донесе правило според кое гласачките ливчиња во нивната држава веќе не треба да се бројат машински, туку рачно.

Тоа трае подолго, вели Џенел Кинг, една од петте членови на Изборната комисија. Но, таа не сака, како што вели, на Комисијата да ѝ биде „поважна брзината од точноста“.

Кој е подобар – човекот или машината?
Идејата дека човекот може да пресметува подобро и попрецизно од машината некому му изгледа очигледна. Но, тоа не е точно од една едноставна причина: „Луѓето грешат, тоа е едноставно човечки“, вели Рејчел Коб, професорка по политички науки на Универзитетот Сафолк во Бостон. „И машините понекогаш прават грешки, но уредите можеме да ги тестираме, да провериме што ја предизвикало грешката и да ја поправиме“, оценува Коб.

Генерално, луѓето прават повеќе грешки затоа што, за разлика од машините, некогаш се уморуваат, вели за ДВ Коб, која го истражува спроведувањето на изборите и со нив поврзаната администрација.

Таков став веројатно има и судијата кој на 15 октомври го запре рачното пребројување на гласовите. Изборните службеници не добија обука, а менувањето на процедурата толку кратко пред избори ќе доведеше до хаос, оцени судијата Роберт Мекбарни, објаснувајќи ја својата пресуда. Отуука, во Џорџија гласовите на овие претседателски избори, како и обично, ќе се бројат машински.

САД: Опаѓа довербата во легитимноста на изборите
Сè на сè, ова го нагласува проблемот што ги мачи САД со години: сè помалку Американци веруваат дека на демократските избори во нивната земја сè оди како што треба. Анкетата на Галуп од септември 2024 година покажа дека 19 отсто од сите анкетирани немаат доверба во законитоста на изборите или во легитимноста на изборните резултати. Во 2004 година тој број изнесуваше шест проценти. Недовербата е пораспространета меѓу републиканците – само 28% веруваат дека на изборите сѐ ќе биде направено како што треба. Во 2020 година, тој број беше 44 проценти; четири години претходно, кога Доналд Трамп ја победи Хилари Клинтон, 55 отсто од републиканците веруваа во фер и легални избори.

„Ако вашиот кандидат победи, имате тенденција да претпоставувате дека сè поминало добро на изборите“, вели Коб.

Фактот дека довербата на републиканците значително опадна од 2020 година е затоа што Трамп и неговите поддржувачи се категорични дека изборите во 2020 година му биле „украдени“. Со манипулирање со резултатите, на Трамп му била одземена победата што му припаднала, тврдат тие. Оваа теорија на заговор е отфрлена со прецизно пребројување на гласовите и многу судски пресуди, но Трамп сепак одбива да признае дека тогаш загубил.

Поддржувачите на Трамп имаат мнозинство во Изборната комисија во Џорџија
Меѓу поддржувачите на Трамп кои продолжуваат да ја поддржуваат оваа изборна лага се и тројца членови на петчлената Изборна комисија во Џорџија. Ова мнозинство во сојузната држава каде што се води жестока борба и Трамп и неговата демократска ривалка Камала Харис се во тесна трка, може да биде клучно во ноември. Пред четири години, Џорџија беше една од државите каде што резултатите беа толку блиски што имаше повеќе спорови, а републиканците инсистираа на повторно пребројување пред резултатите да бидат потврдени. Изборната комисија е значително вклучена во овие процеси, а од мај оваа година мнозинството го сочинуваат поддржувачи на Трамп.

Коб претпоставува дека обидот да се воведе рачно броење бил политичка стратегија на тројцата членови. „Ако се каже дека претходниот метод бил лош и дека треба итно да се смени, тоа води до недоверба, дури и ако, како во овој случај, новиот метод воопшто не е подобар“, вели Коб.

По судската одлука, пребројувањето сега ќе се врши машински како и досега, но изјавите на Изборната комисија веројатно ќе предизвикаат сомнеж во резултатите во Џорџија – особено ако бројките не изгледаат добро за Доналд Трамп.

Дали изборната комисија на Џорџија може да влијае на исходот од сите избори?
Дали про-Трамп комисија, одговорна за броење и потврдување на изборните резултати во една сојузна држава, може да влијае на исходот на претседателските избори во целата земја? „Ако предноста е голема и за губитникот е невозможно да го добие потребниот број гласови дури и при повторното пребројување, тогаш (про-Трамп комисија) не е важна“, вели Коб.

Но, Џорџија е т.н. „свинг држава“, во која Демократите и Републиканците се менуваат како победници, а демократите под Џо Бајден во 2020 година победија со само 0,2 процентни поени. Значи, ако резултатите од изборите во оваа држава на крајот решат дали Харис или Трамп ќе влезат во Белата куќа – што не е незамисливо – тоа би можело да биде возбудливо.

Во секој случај, меѓу населението ќе има такви кои не веруваат во официјалниот конечен резултат. Изборите во САД се генерално добро организирани, вели Коб. „Оние кои помагаат во изборите работат напорно за да се осигураат дека сè ќе биде добро на денот на избори“, нагласува таа. „Имаме многу закони во оваа земја кои гарантираат дека идентитетот на секој гласач е проверен и потврден, дека неговиот глас е пребројан и дека намерата на електоратот се рефлектира во резултатите“, заклучува Коб.

 

DW