Вулканот Дуконо во Источна Индонезија денес повторно еруптираше, исфрлајќи густ вулкански пепел што достигна висина од 1.100 метри над врвот на вулканот, објави државната новинска агенција Антара, пренесува Анадолу.
Според Бамбанг Сугионо, службеник од набљудувачката станица на вулканот Дуконо при Геолошката агенција на Министерството за енергетика и минерални ресурси (ESDM), ерупцијата е забележана рано утрово.
„Пепелот достигна околу 1.100 метри над врвот на вулканот или 2.187 метри надморска височина. Густиот сиво-црн пепел се движеше кон исток. Според последните информации, ерупцијата сè уште трае“, изјави Сугионо.
Слична ерупција, со иста висина на пепел со височина од 1,1 километри, беше регистрирана и утрото на 24 јуни.
Дуконо е еден од најактивните вулкани во Индонезија и од 1933 година постојано еруптира.
Индонезија, која се наоѓа во пацифичкиот Огнен прстен, е една од земјите во светот што сеизмички се најактивни, со вкупно 130 активни вулкани.
Во четвртокот индонезиските власти го зголемија нивото на тревога за вулканот Иле Левотолок на југот од 2 на 3. Највисоко можно ниво е 4.
Овој вулкан покажа значително зголемена активност од 27 јуни.