Здружението на инженери на Македонија, поднесе претставка до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со барање за измена на правилата за снабдување на електрична енергија. Тие бараат конкретни решенија за спречување на неправедните наплати во фактурите за електрична енергија кај домаќинствата и елиминирање на дополнителната неоправдана заработувачка на ЕВН.
„Треба да се изврши измена на правилата за снабдување со електрична енергија и да се воведе месечно отчитување на броилата, како што е предвидено за останатите категории на приклучоци во Тарифниот систем за дистрибуција, или во случај кога броилото не е отчитано, ЕВН да издава фактура од 420 денари со прикажување на 0 kWh потрошена електрична енергија. Откако ќе се изврши реално отчитување, потрошувачот да добие корегирана фактура врз основа на реалната потрошувачка за периодот од претходното до последното отчитување“, велат инженерите.
Неправедно пресметување на сметките
Со воведувањето на блок-тарифите на 1 јули 2022 година, РКЕ изврши измена на правилата за снабдување со електрична енергија, предвидувајќи квартално наместо годишно отчитување на броилата. Според здружението, ваквата одлука доведува до неправедно пресметување на сметките, бидејќи паушалното одредување на потрошувачката може да ги внесе корисниците во повисоки ценовни блокови, со што нивните сметки неоправдано се зголемуваат, овозможувајќи дополнителна заработувачка на ЕВН.
Паушалното одредување на потрошувачката и внесувањето на корисниците во повисоки ценовни блокови на годишно ниво може да предизвика значителни разлики во наплатата во однос на реалната потрошувачка, и тоа во износи од 170 денари за потрошувачи во првиот ценовен блок, 830 денари за потрошувачи во вториот ценовен блок и 8.080 денари за потрошувачи во третиот ценовен блок, посочуваат од здружението.
Според нив, во услови кога според пописот, во државата има 598.632 домаќинства, а ЕВН има 915.492 броила и ако 80% од домаќинствата најчесто имаат сметки во рамките на вториот ценовен блок, водејќи се од објавата на ЕВН дека само кај 15% од броилата се врши паушално одредување на потрошувачката, тогаш годишната дополнителна неоправдана заработувачка на ЕВН може да изнесува приближно 2.000.000 евра.
Кој е виновен за високите сметки?
Опозициската СДСМ смета дека Владата е виновна за високите сметки за струјата во Северна Македонија. Според СДСМ, струјата е поскапена 30%, и за тоа е виновна власта, а не поради лошото читање на броилата. „Мицкоски не може да избега од оговорноста за високите сметки за струја кои се покачени и до 30%. Високите сметки за струјата не се поради лошото читање на броилата туку поради лошото менаџирање од страна на владата“, велат од партијата. СДСМ поднесе закон за намалување на сметките на струја на граѓаните, но ваквиот предлог беше одбиен.
Броилата мора редовно да се читаат
Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот(13.03) рече дека упатил јасна порака кон ЕВН дека не смее сметките за потрошена електрична енергија на граѓаните да се зголемуваат заради нередовно читање на броилата. „Ваквиот тип на однесување е непочитување кон Владата, бидејќи е непочитување кон граѓаните кои ја избрале оваа Влада. Ако продолжи ваквото однесување, а мислам дека нема да продолжи, државата има механизми како да се заштити и ќе се заштити“, вели тој.
За еден месец од 24 декември до 25 јануари на адресата на ЕВН Хоум пристигнале 15 илјади барања за корекции на високите сметки за струја. Само мал број од нив – 2.200 (15%) е утврдено дека се основани и за нив е извршена корекција на сметките. За останатите е утврдено дека немале основ, бидејќи вредноста на сметката била соодветна на реалната потрошувачка. До РКЕ, како второстепен орган, до 28 февруари се пристигнати 345 приговори.
Мицкоски вели дека за 40 проценти се намалени жалбите пред РКЕ во споредба со лани истото време. Сметките, вели Мицкоски, се зголемени откако ќе се нивелираат, бидејќи ЕВН не ги чита броилата на време.
Во Северна Македонија има вкупно 820 илјади броила. Според законот, ЕВН Хоме е должно квартално (на секои 3 месеци) да ги отчитува броилата за да се осигури дека податоците се точни.
DW