Инфлацијата според власта е поради геополитика, увоз и растот на плати

Министерството за економија и труд тврди дека континуираниот висок раст на цените во земјава е резултат на увозна инфлација предизвикана од геополитичките превирања и неизвесноста на меѓународните пазари. Според институцијата, притисок врз нивото на цените исто така доаѓа и од растот на пензиите и платите во јавниот, но и во приватниот сектор кој велат дека ја зголемува домашната побарувачка.

Иако енергетската криза е завршена, инфлацијата во земјава останува висока, на околу 4 отсто. Според Министерството за економија и труд, Северна Македонија како нето увозник на храна последиците од инфлацијата најсилно ги чувствува кај прехранбените производи и пијалоците, каде годишната стапка на инфлација во изминативе девет месеци е повисока од вкупната инфлација, освен во март и април, како што наведуваат, поради ограничувањата на цените на прехранбените производи.

„Не можеме да очекуваме инфлацијата веднаш преку ноќ драстично да се намали. Стабилизирањето на светските цени на енергијата и храната веќе придонесува за забавување на инфлацијата во земјата што е видливо во последните два месеци – инфлацијата во јули е 4.8 отсто, во август 4.4 и септември 4.0“, велат од Министерството во одговор за Радио Слободна Европа.

Но, и покрај намалувањето во последните два месеци, податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека синдикалната минимална кошничка во последните четири години, откако започна енергетската криза, е зголемена за речиси 86 проценти.

 

 

 

slobodnaevropa.mk