Ирански пратеник тврди дека Техеран тивко наплаќа од танкери и до 2 милиони долари за безбеден транзит низ Ормускиот Теснец

Историјата нѐ учи дека добро конектираните лица и деловни субјекти профитираат од кризи. Но, војната во Иран таквата појава ја крева на сосема ново ниво, дури и во време кога САД нудат план од 15 точки за прекин на борбите.

За време на конфликтот кој трае речиси еден месец, имаше обвинувања на сметка на трговците со гориво кои ги зголемија цените на бензинските пумпи во рок од неколку часа по првите напади, потоа на големите нафтени компании, кои се радуваат на неочекувани маржи за сурова нафта од 100 долари (86,24 евра) за барел, и осигурителните компании за поморски транспорт, кои ги зголемија премиите за воени ризици за стотици проценти откако Техеран го затвори Ормускиот Теснец.

Но, еден потег ги надминува сите со неговата евидентна дрскост. Иран, кој ги спречува речиси сите танкери за нафта и гас да минат низ теснецот, наводно почнал да наплатува и до 2 милиони долари (1,72 милиони евра) по брод за „безбеден премин“ низ теснецот.

„Лојдс Лист“, една од најстарите и најавторитетни поморски публикации, минатата недела објави дека се верува оти најмалку еден танкер извршил плаќање.

Дали Иран поставил „наплатна рампа“ во Ормускиот Теснец?
Потегот на Техеран се заканува да ја претвори оваа критична глобална рута низ која минува една петтина од светските испораки на нафта и гас во наплатна рампа со висок ризик. Иако неколку ирански функционери го негираа извештајот, пратеникот Алаедин Боруџерди на државната телевизија тврдеше дека таквите давачки се собираат како дел од „нов суверен режим“ во теснецот, претставувајќи го потегот како обид за покривање на „воените трошоци“.

Доколку се потврдат ваквите наводи, таквата наплата би била кршење на меѓународното поморско право, вели Роберт Хуберт, експерт за меѓународни односи на универзитетот Калгари во Канада. „Слободата на навигација… е основа на меѓународната поморска трговија… можноста да се минува низ овие области без никаква опструкција“, изјави Хуберт во вторникот (24.03) во поткаст на канадската Енерџи Медиа. „Ако сторите такво нешто [наплатите надомест], ќе се соочите со директен отпор од речиси секоја држава“, додава тој.

 

 

DW