Ископани посмртни останки и украден лим од црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче

Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во село Матејче, кој е заштитено културно добро на државата, бил осквернавен од непознати сторители, при што биле ископани посмртни останки и украден оловен лим од централната манастирска црква.

Како што пријавила Кумановско-Осоговската Епархија при Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во текот на март, со употреба на физичка сила и погоден алат, непознати лица насилно влегле во манастирот. Таму, според првичните информации, сторителите извршиле копање на подот, а покрај ископаната земја, биле извадени и посмртни останки на погребани лица.

Воедно, од црквата бил одземен и дел од оловниот покрив, што претставува дополнителна материјална штета врз овој значаен верски и културен објект.

По пријавата, увид на терен извршиле надлежен јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово. Во тек е истрага за целосно расчистување на случајот и пронаоѓање на сторителите.

skopjeinfo.mk