Конструктивно и со интензивна расправа поминала средбата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која вчера и денеска (13 декември) се одржа во Софија, Бугарија, како што соопштија од македонскиот тим на Комисијата.
„На средбата стана збор за евентуални заеднички чествувања; дискусија за препораки за македонските учебници за VII одделение; утврдување на динамиката на работа за првото полугодие за 2025 година; Комисијата го усогласи текстот за Нацрт-записникот од 27 седница“, стои во соопштението.
Во Скопје кон крајот на октомври се одржа средба на Мешовитата комисија, што беше прва на новиот состав на македонскиот тим со нивните колеги од бугарска страна.
Копретседавачот на бугарскиот тим, Ангел Димитров, по средбата, рече дека таа „повеќе била за запознавање“ и „од технички аспект“.
Последната средба на Мешовитата комисија за историски прашања беше одржана на 30 и 31 мај во Софија, а состанокот планиран во Скопје на 18 и 19 септември годинава беше одложен на барање на македонската страна.
slobodnaevropa.mk