И двајцата кандидати во трката за функцијата претседател на автономната Република Српска во Босна и Херцеговина денеска ја објавија својата победа на вчерашните избори. „Победив како претседател на Република (на Српска). Благодарам“, рече лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и актуелен српски член на трипартитното претседателство Милорад Додик. Истото го најави и опозициската кандидатката на Партијата за демократски напредок (ПДП), Јелена Тривиќ, која рече: „Она што граѓаните на Република Српска можат да го очекуваат од мене е – јас сум Србинка, но ќе бидам претседател на сите граѓани на Република Српска“.
За време на неговиот победнички говор пред медиумите и поддржувачите, Додик, исто така, ја прогласи својата сојузничка и сопартијка Жељка Цвијановиќ за следен српски член на трипартитното претседателство. Опозицискиот кандидат за бошњачки член на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ (СДП) прогласи победа над кандидатот на Партијата за демократска акција (СДА), Баир Изетбеговиќ, а Жељко Комшиќ за хрватскиот член на Претседателството на БиХ. Кандидатот на опозицијата во Република Српска за српски член на Претседателството на БиХ, Мирко Шаровиќ (СДС) го призна поразот од кандидатот на владејачката СНСД, Жељка Цвијановиќ. Босна се состои од два автономни региона: Република Српска со доминација на Срби и Федерацијата што ја делат Бошњаците или босанските муслимани и Хрватите, поврзани со слаба централна власт. Федерацијата е дополнително поделена на 10 кантони. На север се наоѓа и неутралниот округ Брчко.