Каков е планот на Трамп за Западен Балкан?

Трите југословенски војни од 1990-тите – во Хрватска (1991-95), Босна и Херцеговина (1992-95) и Косово (1999) – конечно беа завршени под водство на САД. Оттогаш, мирот го гарантираат две воени мисии предводени од Европската Унија и НАТО: едниот во Косово и другата во БиХ. Меѓутоа, состојбата на Западен Балкан континуирано се влошува повеќе од две години.

Спиралата на насилство започна во декември 2022 година. Откако претставниците на српското малцинство во Република Косово, по наредба од главниот град на Србија, Белград, ги напуштија институциите на косовската држава – судството, полицијата и администрацијата – српскиот претседател Александар Вучиќ мобилизираше војници на северната граница со Косово.

Речиси ескалација на Косово
Во септември 2024 година, во близина на православниот манастир Бањска во северно Косово, дојде до судир меѓу српските паравоени сили и косовската полиција. Загинаа четири лица, а десетици припадници на српските паравоени сили предводени од доверливиот човек на Вучиќ успеаја да побегнат во Србија. Зад себе оставија арсенал модерно оружје од магацините на српската армија, кое вреди милиони и со кое може да опремат повеќе од сто борци.

Се чини дека таму била планирана поголема воена операција – можеби со цел да се заземат четири општини во северно Косово, каде што српското малцинство сочинува мнозинство од населението во земјата со мнозинско албанско население.

Закани за Босна и Херцеговина
На 26 февруари 2025 година, српскиот вицепремиер Александар Вулин се закани на уште една соседна земја за време на посетата на Москва, кога рече: „Босна никогаш не била поблиску до својот крај“.

Непосредно пред тоа, државниот суд на Босна и Херцеговина го осуди Милорад Додик, сецесионистичкиот претседател на ентитетот на Босна и Херцеговина, Република Српска, на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција.

Додик се закани дека пресудата против него може да и нанесе „фатален удар“ на Босна и Херцеговина. Претседателот на РС е обвинет дека не ги почитувал одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит, кој е највисока институција на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина и го обезбедува мирот во земјата од крајот на војната (1992-1995).

Шмит: „Црвената линија е помината“
Високиот претставник Шмит одговори на 8-ми март. Тој за германското радио Дојчландфунк изјави дека „нападот на Додик врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“ ја „преминува црвената линија“.

Шмит ја повика меѓународната заедница да посвети поголемо внимание на кризата во БиХ. Високиот претставник за прв пат експлицитно го критикуваше не само Додик, туку и српската влада, која сега, како што рече, треба „јасно да ги покаже своите граници“.

Сè уште не се познати политичките планови на претседателот Трамп за Западен Балкан. Тој таму е економски и приватно активен, преку неговите фирми во Србија и Албанија. Опкружувањето на Трамп не го крие фактот дека Белград, сојузник на Москва, е миленик на американскиот претседател во Југоисточна Европа. Од крајот на југословенските војни, САД отсекогаш биле тие кои на крајот ги решавале многуте мали конфликти меѓу земјите наследнички. Според тоа, постои голем страв дека Вашингтон повеќе нема да го прави тоа во иднина.

Позитивно е предупредувањето што американскиот државен секретар Марко Рубио му го испрати на Додик на 8 март: „Постапките на претседателот на РС Милорад Додик ги поткопуваат институциите на Босна и Херцеговина и ја загрозуваат нејзината безбедност и стабилност… Ги повикуваме нашите партнери во регионот да ни се придружат во спротивставувањето на ова опасно и дестабилизирачко однесување“.

Со оглед на ова, малку е веројатно дека санкциите на американското Министерство за финансии за Додик, кои беа заострени од 2017 година, сега би можеле да бидат укинати. Континуираните обиди на претседателот на Република Србија да му се допадне на американскиот претседател Трамп по неговиот реизбор, очигледно не ја создадоа посакуваната поддршка за неговите обиди за отцепување.

Поддршка за Додик, сепак, дојде од доверливиот човек на Трамп, Руди Џулијани на 25 февруари. Осврнувајќи се на мотото на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“, тој носеше бејзбол капа со натпис „Да ја направиме [Република] Српска повторно голема“ за време на посетата на главниот град на РС, Бања Лука.

Но, обидот на Џулијани да го поддржи Додик заврши на крајно непријатен начин: поранешниот градоначалник на Њујорк во неколку наврати го нарече претседателот на Република Српска „Босанец“ за време на интервјуто на 27 февруари. Ова беше очигледно непријатно за српскиот ултранационалист Додик.

 

 

DW