Оние кои шетаа низ гигантскиот индустриски саем во Хановер изминатите денови, најголем од ваков вид во светот, со восхит гледаа на роботите контролирани од вештачка интелигенција. Тие се ракуваат, одговараат на прашања на многу јазици, па дури и заваруваат метал.
Но, вистинскиот хит на саемот посетителите не можат да го видат или допрат. Тие се скриени на серверите.
Станува збор за податоците, како суровина на иднината. Многу наскоро тие ќе одлучуваат за пазарните натпревари, можеби и која земја ќе биде богата, а која ќе стагнира.
Државата собира податоци
Кина собира на големо и приватни податоци. Секој граѓанин добива „оценка“ врз основа на нив. Официјален Пекинг го оправдува овој систем на „социјален кредит“ со желбата да внесе повеќе морал и чесност во соживотот, како и борбата против измамата и корупцијата.
Сега се на ред индустриските податоци. „Во последниве години, кинеската влада даде приоритет на дигиталната трансформација и ја поттикнува во областите на информациската инфраструктура, дигиталната економија и интелигентното производство“, вели истражувачката Чи Хе од кинескиот Женски универзитет Хунан.
„Политичките структури го поддржуваат ова со финансиски субвенции, даночни олеснувања, специјални регионални фондови за иновации и поттикнување на соработката во индустријата, науката и истражувањето“, додава таа.
Комунистичката технократска елита одамна го препозна значењето на целото прашање. Уште во 2023 година беше основана Националната администрација за податоци. Се појавија бројни добавувачи на производи и технологии. Со таа поволна средина, Кина регрутира меѓународни истражувачи и странски инвестиции.
Но, резултатите од истражувањата и податоците се под државен надзор. Веќе во 2022 година, правилата за „извоз“ на податоци надвор од Кина се заострени. „Важните податоци“ може да се споделуваат надворешно само со посебна дозвола, но што точно се „важни податоци“ тоа го утврдува државен надзор.
DW




