Кичево, Тетово и Сарај најсилно погодени од поплавите

Обилните врнежи од дожд предизвикаа сериозни проблеми во повеќе делови од земјава, со поплавени домови, излевање на реки и свлечишта. Една од најкритичната точка е кичевската каде што се евакуирани над 200 луѓе поради поплавата.

Пратеникот Ѓорѓија Сајковски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на својот профил објави фотографии од поплавите во кичевски, обвинувајќи го претходното раководство на градот за негрижа која придонела до такви последици.

„Поради долгогодишната негрижа, неработа и отсуство на навремени превентивни мерки од страна на претходното раководство, Кичево денес се соочи со сериозни и катастрофални поплави по обилните врнежи од дожд“, напиша тој во објава на социјалната мрежа Фејсбук.

Градоначалникот на Кичево Александар Јовановски информира дека на терен се ангажирани екипи и механизација, кои се обидуваат да расчистат критични делници, да отстранат наноси, кал и отпад што го блокираат одливот, како и да пробијат затрупани канали и пропусти. Тој посочи дека дополнително со механизација се прави испумпување вода и обезбедување пристап до загрозени домаќинства, каде што условите тоа го дозволуваат.

Екипи на општините, противпожарните служби и институциите за заштита и спасување непрекинато интервенираат на критичните точки во Скопскиот, Кумановскиот, Тетовскиот, Гостиварскиот и Охридско-кичевскиот регион.

Според вонредните информации на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 17 часот, во скопската општина Сарај се преземени координирани активности по поплавите во селата Буковиќ и Семениште.

 

 

 

slobodnaevropa.mk