Ковачевски: Очекувам денес да имаме решение за раст на пензиите и нова методологија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во интервју за Слободна ТВ, истакна дека веќе се привршуваат анализите во однос на методологијата за покачување и за финансиска помош на пензионерите врз основа на првата сесија од дијалогот со Сојузот на здруженијата на пензионерите, и го нагласи ова прашање како приоритетно во однос на соочувањето на актуелната криза со војната од Украина која има европски и светски размери.

„Денес ќе имаме состанок со асоцијациите на пензионерите и верувам дека ќе имаме решение за новата методологија за пензиите и за финансиски пакет за поддршка на пензионерите“, посочи премиерот Ковачевски

Ковачевски уште додаде дека и за време на кризата со пандемијата, како и во услови на енергетската криза, Владата им излезе во пресрет и на граѓаните и на компаниите и донесе повеќе антикризни пакети и мерки кои во голема мерка ги ублажија последиците и ги намалија ризиците за компаниите.

„Многу е значајно што во овие услови успеавме да ја зголемиме минималната плата со што покажавме грижа за граѓаните. Сега со 2 минимални плати може да се покрие потрошувачка кошничка за разлика од пред 5 години кога за тоа беа потребни 4,25 минимални плати“, рече претседателот на Владата Ковачевски.

Премиерот Ковачевски потсети дека во однос на цената на струјата беше намалена стапката на ДДВ од 18% на 5% за регулираниот пазар, односно за малите потрошувачи и домаќинствата и со тоа во моментот имаме најниска цена на електричната енергија во регионот и пошироко.

Дополнително, истакна премиерот, во однос на задржување на стандардот на граѓаните донесовме Програма за финансиска поддршка на најранливите категории граѓани за покривање на трошоците за електрична енергија која опфаќа над 7.000 семејства.

Во однос на храната, рече Ковачевски, веќе имавме мерка со која беа замрзнати цените на основните продукти, а следуваше мерката за ограничување на трговските маржи во големопродажбата и малопродажбата кои се веќе во сила и кои имаат за цел да ги елиминираат ценовните шокови.