Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска (6.12) во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти конгрес. Партијата соопшти дека конгресот е ново поглавје во политиката која, како што е нагласено во партиското соопштение, треба да обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
Мицкоски по третпат на чело на партијата – очекувања и предизвици
Централно случување на конгресот е изборот на премиерот и партиски лидер Христијан Мицкоски по третпат на кормилото на партијата. Мицкоски со третиот мандат влегува во зенитот на моќта, бидејќи преку овој избор ќе ги зајакне своите позиции и ќе добие широк маневарски простор за натамошните потези во извршната власт.
Но и покрај тоа, аналитичарите со кои разговараше ДВ не прогнозираат суштествени промени во правецот на дејствувањето на партијата и на Владата, и оценуваат дека не се исполнети ветувањата од минатогодишните избори. Притоа предупредуваат дека неисполнетите ветувања ќе водат кон намалување на довербата во ВМРО-ДПМНЕ.
Професорката на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и политиколог д-р Бојана Наумовска вели дека клучните прашања за кои Мицкоски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ ја доби довербата на парламентарните избори беа правната држава, реформите во судството и борбата со корупцијата.
„Во овој дел не се променети многу состојбите во изминатата година и половина. Доколку во преостанатиот мандатен период не се преземат чекори кон воспоставување на механизми за функционирање на правната држава, очекувам да се намалува довербата кон партијата“, изјави Наумовска за ДВ.
Што ќе донесе „Македонија 2030“
Според конгресното сценарио, Мицкоски како кандидат за лидер ќе да ја претстави својата визија за иднината на партијата. Неговиот настап, како што пренесоа медиумите, ќе го следи аудиториум од 2.600 лица, од кои 850-860 делегати и 1.700 гости.
Во фокусот на неговото излагање, како што е најавено, ќе биде документот „Македонија 2030“, кој треба да ги одреди смерниците на идниот развој на државата. Од партијата вчера (5.12) оценија дека со оваа стратегија, ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како „водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија”.
DW




