Конгрес на СДСМ: Филипче најави притисок врз власта

СДСМ цврсто се држи до суштината на социјалдемократијата: правда наместо привилегија, солидарност наместо страв, фер оданочување наместо товар врз трудот, силни институции наместо партиска држава и европска иднина наместо националистичка магла. Ова вчера (7.06) го порача партискиот претседател Венко Филипче од 32. програмски конгрес на СДСМ, претставувајќи ја новата идеолошка платформа на партијата. Kонгресот го опиша и како „прв конгрес за новата одговорност”.

„Има моменти во историјатa на една партија кога не се менува само програмата, туку се преиспитува и основата. А ние денес сме должни да го направиме токму тоа“, порача партискиот претседател пред присутните на конгресот, на кој беа и двајца поранешни премиери – Владо Бучковски и Димитар Ковачевски.

Суштина на социјалдемократијата
Претседателот на СДСМ зборуваше за нова идеолошка платформа која мора да биде многу повеќе од декларација и да стане политички инструмент за дејствување, а потенцира дека Конгресот е потврда оти СДСМ цврсто се држи до суштината на социјалдемократијата. Партијата ја опиша „како нешто што отсекогаш била – совест на државата, глас на трудот, заштита на понижениот човек и политичка храброст во моменти кога таа е најпотребна”.

Во дел од коментарите на социјалните мрежи, граѓани ги потсетуваат социјалдемократите на периодот на криминалната приватизација, на арогантно однесување на функционери на СДСМ, на нивен елитизам изразен и преку чести прибежишта во познати светски дестинации, кои пак немаат врска ни со „солзите“ за понижениот човек, ни со глас на трудот или грижа за нефер оданочување. Дел од нив проблемот го лоцираат во фактот што немало реална анализа на причините за изборните порази на СДСМ, чија последица се ненаучени лекции од грешките и опасност да влезат во нови.

 

DW