Косово одржува предвремени парламентарни избори в недела, 28 декемвр по месеци политички ќорсокак што ја остави земјата под привремена влада предводена од премиерот Албин Курти и неговото движење „Самоопределување“.
Партијата на Курти, која победи на изборите во февруари, имаше два неуспешни обиди да формира влада, но не успеа да обезбеди коалициски партнери, отворајќи го патот за предвремени избори.
Вкупно 24 политички партии и коалиции се натпреваруваат на изборите, при што повеќе од илјада кандидати се борат за места во парламентот со 120 членови.
„Самоопределување“, кое обезбеди околу 42 проценти од гласовите во февруари, соопшти дека овој пат има за цел да освои повеќе од 50 проценти гласови за да избегне постизборни коалиции.
Други големи партии, вклучувајќи ја Демократската партија на Косово (ПДК), Демократската лига на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК), сакаат да спречат формирање на уште една влада предводена од Курти, иако ниту една од овие партии не се изјасни дали ќе соработува една со друга.
За разлика од кампањата во февруари, периодот пред изборите на 28 декември „Самоопределување“ го обележа со значително помек тон и кон медиумите и кон ривалските албански партии.
„Оваа промена е директно поврзана со потребата од коалиции“, изјави Доника Емини, виш истражувач во Групата за советување на политиките на Балканот во Европа (БиЕПАГ) за Радио Слободна Европа(РСЕ). „Самоопределување“ е свесна дека не може да владее самостојно како што владееше во 2021 година. Поумерен пристап помага да се подготви теренот за постизборна соработка“.
slobodnaevropa.mk




