Косово повторно оди на парламентарни избори во јуни 2026

Политичката криза во Косово продолжува и по речиси година и половина без стабилен излез. Парламентот не успеа да избере нов шеф на државата до рокот од 28 април, утврден со одлука на Уставниот суд, поради што беше распуштен. Со тоа, Косово е принудено повторно да организира предвремени парламентарни избори – трети по ред во период од само 15 месеци. Изборите се закажани за јуни 2026 година.

Новата криза беше предизвикана откако премиерот и лидер на движењето Самоопределување (Ветевендосје), Албин Курти, не успеа да постигне договор со опозициските партии за заеднички кандидат за функцијата претседател. Иако Самоопределување победи на последните избори во декември 2025 година со околу 51 отсто од гласовите, Курти не успеа да формира стабилно парламентарно мнозинство. Владата што беше формирана во февруари 2026 година, по распуштањето на парламентот, продолжува да функционира само со технички мандат.

Раскол меѓу Албин Курти и Вјоса Османи
Вјоса Османи, која пет години ја извршуваше функцијата претседателка на Косово, изрази желба за втор мандат, но овојпат без поддршка од Албин Курти. Пред пет години, двојката Курти–Османи беше перципирана како симбол на надеж за ново политичко раководство во земјата.

Иако Курти јавно не изјави дека не ја поддржува Османи, тој образложи дека не може да обезбеди повеќе од 66 пратенички гласови за нејзин избор – број кој ги опфаќа пратениците на Самоопределување, коалициските партнери и несрпските малцинства. За избор на претседател, сепак, потребни се најмалку 80 од вкупно 120 пратенички гласови.

Неуспешен обид со кандидат од граѓанскиот сектор
На крајот од нејзиниот мандат, кој истекуваше на 4 април 2026 година, Османи јавно изјави дека имала ветување за поддршка од Курти. „Курти ми вети дека ќе ме поддржи. Ми рече: ‘Ти си најдобрата претседателка на 21 век’“, изјави таа за локалните медиуми. Подоцна, според Османи, ставот на Курти и на пратеничката група на Ветевендосје се променил и поддршката била повлечена.

На парламентарната седница одржана на 28 април 2026 година, Курти предложи кандидатка од граѓанскиот сектор – Фериде Рушити, лекарка и активистка за човекови права. Меѓутоа, бојкотот на кандидатурата и на целата седница од страна на опозицијата резултираше со нејзин неуспех да биде избрана.

Амбиции, несогласувања и последици за европскиот пат
Нaим Рашити од Балканскиот институт за развојна политика за Дојче веле изјави дека партнерството меѓу Курти и Османи никогаш не било „природно“, туку повеќе привремена изборна алијанса. Според него, двајцата се амбициозни и конкурентни, често со спротивставени политички визии.

Рашити оценува дека иако имаат слични ставови во внатрешната политика, нивните разлики во надворешната политика често создавале конфузија на меѓународната сцена. Во одредени моменти, Османи преземала водечка улога во надворешната политика, без доволни консултации.

Политичкиот аналитичар Ехат Мифтарај од Косовскиот правен институт (ИКД) посочува дека Курти се перципира како помалку предвидлив актер во споредба со Османи, која важи за покооперативна со меѓународните партнери. Според него, ова довело до тензии и прашања за кохерентноста на надворешната политика на Косово.

Продолжената политичка и институционална нестабилност ги попречува реформите што ги бара Европската унија, како и дијалогот со Србија под посредство на ЕУ. Иако честите избори укажуваат на функционална демократија, тие истовремено ја разоткриваат ограничената способност на земјата да ги унапреди своите стратешки интереси.

Мифтарај предупредува дека Косово троши повеќе енергија на справување со внатрешни кризи отколку на европската интеграција. Со новата стратегија на Европската унија поврзана со Планот за раст, Косово – кое и понатаму заостанува во регионот – ризикува да загуби стотици милиони евра финансиска поддршка.

 

 

DW