Локални избори: До 11 часот гласале 154.275 граѓани

Македонските граѓани по осми пат гласаат на локални избори во земјата. Во 7 часот изутрината вратите ги отворија 3.474 избирачки места, на кои до 19 часот имаат право да гласаат 1.832.415 граѓани во Македонија.

Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), навреме се отворени сите избирачки места и процесот на гласање на локалните избори генерално се одвива без проблеми. Но, гласањето на две избирачки места во Куманово и во Штип, се одвива без користење на уредите за биометриска идентификација поради технички причини.

Исто така, како што информираше МВР; за време на предизборниот молк, се регистрирани 20 пријави за нарушување на изборниот молк во Скопје, Куманово, Велес, Охрид, Штип, Битола и Струмица.

Најголема излезност во Чашка – најмала во Врапчиште
Излезеноста на локалните избори до 11.15 часот е 9,38 проценти, односно гласале 154.275 граѓани, објави Државната изборна комисија (ДИК). Најголема излезност има во Чашка (22,60%) и Новаци (19,3%), а најмала излезеност во Врапчиште – 2,54% и Сопиште – 3,93%.

Излезноста на граѓаните до 9.15 часот изнесуваше 3 проценти, односно гласале 41.890 граѓани, соопшти ДИК на првата прес-конференција. Најголема излезност имаше во Пробиштип – 6,64%, а најмала во Врапчиште – 0,87 проценти.

Кој има право на глас?
Право на глас имаат 1 832 415 избирачи кои се запишани во Избирачкиот список и гласаат на вкупно 3 474 избирачки места.Граѓаните избираат меѓу 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети, со што вкупниот број на кандидати изнесува 10 490.

На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалник има во Град Скопје каде што се пријавени вкупно 16.

Изборниот процес го следат 1.451 набљудувач (807 домашни и 644 меѓународни набљудувачи).

Поништена листа
Државната изборна комисија во саботата ја поништи листата за членови наСоветот на Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ), бидејќи по допрен глас дошле до информација дека на оваа листа има починато лице.

Подносителот на листата поднел тужба до Управниот суд против одлуката на ДИК, но тужбата е одбиена. „Сите евентуални гласови за Совет на Град Скопје што би биле дадени за оваа листа, за оваа политичка партија, според нашата одлука, ќе се сметаат за неважечки“, изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

 

 

DW