Повеќе од две децении, Русија се инволвираше во воениот и енергетскиот сектор на Венецуела, како и во политичката елита, додворувајќи се на Уго Чавез и неговиот наследник Николас Мадуро, кои беа жестоки критичари на САД, и воспоставувајќи цврсто упориште на западната хемисфера.
За време на 26-те години на власт на претседателот Владимир Путин, Русија негуваше лични односи, институционални врски и комерцијални интереси.
Аналитичарите велат дека и покрај апсењето на Мадуро од страна на САД, овие врски веројатно нема да исчезнат преку ноќ.
„Нивното расклопување би било скапо и сложено“, изјави за РСЕ независната аналитичарка Александра Ситенко од Берлин.
Врските се протегаат и до привременото раководство на Венецуела. Делси Родригез, која беше потпретседателка под Мадуро, долго време одржуваше блиски односи со Москва.
Во 2024 година, Путин ѝ додели на Родригез руското државно одликување Орден за пријателство, а Москва, исто така, јавно ја изрази својата поддршка за неа како привремен лидер.
„Делси Родригез е некој што Русите го познаваат и со кого можат да соработуваат“, напиша Марк Галеоти, аналитичар за Русија и професор-емеритус на Факултетот за словенски и источноевропски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, во блог пост од 7 јануари за британскиот медиум iNews.
Прашањето сега е колку Русија реално може да го зачува своето присуство. Способноста на Москва да врши влијание во блиска иднина е ограничена, велат аналитичарите, а соочувањето со САД би можело да биде контрапродуктивно.
slobodnaevropa.mk




