Македонија се соочува со сериозни демографски предизвици. Статистиката покажува пад на бројот на склучени бракови и раст на разводите, додека наталитетот останува низок.
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави загрижувачки податоци за третото тримесечје од 2025 година (јули–септември).
Склучени бракови: 3.514, што е намалување од 2,8% во споредба со истиот период лани.
Разводи: 470, што претставува зголемување од 27,7% во однос на минатата година
Наталитет и природен прираст
Во истиот период се родени 4.431 живородени деца, што е раст од 3,7% во споредба со 2024 година.
Бројот на починати лица изнесува 4.849, од кои 20 се доенчиња. Природниот прираст останува негативен: -418, што значи дека бројот на починати е поголем од бројот на родени во Македонија.
Главни поенти
+3,7% повеќе живородени деца
-0,5% помалку починати лица
-2,8% помалку склучени бракови
+27,7% повеќе разводи
Алармантни проекции
Според ДЗС, во 2024 година се родиле 16.061 деца, а починале 20.201 лица, што е природен пад од 4.140 луѓе за една година.
Проекциите се уште поалармантни: до 2070 година населението може да се намали на 1,3 милиони жители, што е пад од околу 35%.
Во јули премиерот Христијан Мицкоски најави можност за воведување данок за немажени и неженети граѓани, како мерка против демографската рецесија.
Изјавата предизвика лавина реакции – од остри критики на опозицијата и граѓанските организации, до бурни коментари на социјалните мрежи. Неколку дена подоцна, премиерот појасни дека не станува збор за конкретна мерка, туку за иницирање јавна дебата.
DW




