Македонија засега не планира да ја прифати понудената помош од Бугарија за снабдување со мазут, иако беше воведена седумдневна кризна состојба во енергетиката. Од Владата за „Дојче Веле“ велат дека државата во моментов не се наоѓа во ситуација во која има потреба од ваков тип на помош.
Владата уверува: Нема потреба од надворешна помош
„Државата не е во фаза на чекање помош од надвор, туку со сите свои расположливи капацитети е во можност да ја одржува состојбата стабилна на полето на енергетиката“, додаваат од Владата.
На 138. седница, Владата донесе одлука задолжителните резерви на нафтен дериват да се отстапат без надоместок, а АД ЕСМ за трошењето на мазут има обврска да доставува извештај до Владата и Министерството за финансии.
По одлуката за кризна состојба, од Бугарија пристигна веста дека и понудиле на Македонија да ја снабдуваат со мазут, со цел да се надмине кризата во снабдување со електрична енергија.
Бугарија нуди итни залихи мазут за Македонија
Според бугарските медиуми, по наредба на премиерот во оставка Росен Жељазков, министерот за енергетика Жечо Станков извршил проверка на залихите на мазут во земјата. Утврдено е дека Бугарија има доволни количини за сопствените потреби и може да понуди итни залихи на Македонија.
„Врз основа на утврдените доволни количини, бугарската влада ѝ понуди на Република Северна Македонија итни залихи на котелско гориво (мазут) со цел да ѝ помогне на земјата во условите на вонредната состојба“, пренесува БНТ.
Предлогот бил даден за време на телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и македонскиот колега Тимчо Муцунски. За време на разговорот било нагласено дека обезбедувањето помош е израз на добрососедство и солидарност, со цел да се обезбеди енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Одлуката за кризна состојба доаѓа по барање на ЕСМ, поради блокадите на грчките земјоделци кои ја отежнуваат доставата на енергенси за производство на електрична енергија.
Опозициските партии жестоко реагираа на одлуката за прогласување кризна состојба.
DW




