Македонија нема да испрати војници во Украина

Северна Македонија во овој момент не е подготвена да испрати војници во Украина како дел од воена мировна мисија која ќе го гарантира мирот во земјата. Според извори во МНР, одлуката е донесена бидејќи како земја-членка на НАТО, Македонија не смее да дозволи каков било безбедносен вакуум од регионална гледна точка. Фокусот на земјата во следниот период мора да биде на регионот и на источното и јужното крило на НАТО. Допрва ќе се одлучува и дали ќе продолжи воената помош којашто земјата и ја дава на Украина, за одбрана од руската агресија.

Државната позиција е дека Русија спровела воена агресија врз Украина, но истовремено во МНР сметаат дека е дојдено време за дипломатија и за мир и оти принципиелно ќе поддржуваат секоја иницијатива што е насочена кон изнаоѓање на мир.

„Јасен правец на надворешната политика“
Според извори од МНР, правецот на македонската надворешна политика е јасен – стратешко партнерство со САД, членството во НАТО и останување на патот кон неостварената стратешка цел – полноправното членство со Европската Унија. Во однос на гласањето на воздржаност во Обединетите нации за резолуциите за Украина, велат дека земјата успеала да одржи позиција којашто истовремено е и принципиелна и во рамки на трите приоритети на надворешната политика – членството во НАТО, усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ и формалното стратешко партнерство со САД.

Од МНР сметаат дека со гласањето не е променето ништо во усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Додаваат дека е гласано за принципиелна политика што била договорена меѓу коспонзорите, а тоа значи дека кое било видоизменување на резолуцијата значело дека државата ќе гласа воздржано по однос на таа резолуција.

Извори од МНР изразуваат уверување дека сите предизвици што ги има трансатлантското партнерство за некој период пак ќе се надминат. „Затоа ние ќе се поставиме одејќи по нашиот интерес, а клучна неостварена политичка цел за која активно се работи во последниот период е полноправното членство во ЕУ, односно отпочнување на процесот на преговори со ЕУ и оти тој дијалог никогаш не е застанат“, потенцираат од министерството.

 

 

DW