„Макпетрол“: Пазарот со гас е одамна либерализиран, сегашните тендери се фарса

Министерот за економија, Крешник Бектеши, преку објава на „Фејсбук“ денес изнесе одредени тврдења во однос на домашниот пазар со природен гас кои што се целосно неточни, а не сподели клучни информации што се од особено значење за начинот на којшто функционира набавката на енергенси во земјава.

Имајќи предвид дека во изјавата се споменува и „Макпетрол“, компанијата е должна да одговори на министерот, но и со јавноста да сподели одредени информации кои што не само тој, туку и други лица на високи раководни државни позиции упорно избегнуваат прецизно да ги разјаснат.

„Макпетрол“ не поседува ниту поседувал монопол на пазарот со природен гас. Напротив, поголемиот дел од овој енергенс во нашата земја се увезува од страна на друг трговец, а исто така од страна на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) има издадено повеќе од 40 лиценци за тргување и снабдување со овој енергенс.

Единствено за што „Макпетрол“ се залага е регулиран пазар без фаворизирање на одредени компании од страна на државата, односно пазар без нелојална конкуренција.

За каква либерализација зборува министерот кога на последните повици за набавка на природен гас учествува и ги доби компанија што бугарскиот регулатор ја дефинира како микропретпријатие („Балкан Јутилитис“) и согласно достапните податоци истата компанија работела со загуба во претходните години.

Ако вистинската цел беше либерализацијата, тогаш несомнено резултатот од неа треба да бидат пониски, а не повисоки цени при набавката на природен гас. Ако се земе предвид разликата со пазарната цена на природниот гас од 1 јануари до сега, државата по цените на „Балкан Јутилитис“ преку која ЕСМ го набавува овој енергенс ќе плати разлика повеќе од 4 милиони евра што ја доведува во прашање вистинската цел на либерализацијата.

За појаснување до министерот Бектеши и до другите државни претставници, „Макпетрол“ во текот на цела измината година природниот гас го продаваше со пониска цена во споредба со берзанската за околу 10%, за разлика од сега кога државата го купува гасот за многу повисоки цени, дури и до 70% повисоки од берзанските.

Го повикуваме министерот и другите надлежни државни претставници да се охрабрат и одважат и да одговорат на јавноста зошто веќе втор месец по ред државата купува гас со далеку поскапа цена од пазарната, а со тоа предизвикува штета на државниот буџет.

Извор: Макпетрол