Од велешка адреса до американски медиум – Румен Наумовски преку своите фирми „Raww Digital“ во Велес и Флорида гради конзервативна медиумска мрежа, додека дома прикажа сто евра приход во фирма во ликвидација. Но неговото име се појавува и поради незаконска донација во кампања за американски Конгрес.
Од тинејџер кој водел кошаркарски блог и заработувал по 400 долари дневно стигнал до анти-мејнстрим американски медиум вреден стотици илјади долари, така самиот се опишува во едно интервју 27 годишниот велешанец Румен Наумовски. Неговото име деновиве се појави во американските медиуми како сопственик на веб-сајтот „Resist the Mainstream“, но и беше обелоденето дека во 2022 година незаконски донирал пари за кандидат за Конгресот на САД.
Во македонската јавност не се спомнува Наумовски. Но, затоа во американските, неговото име се поврзува со велешките тинејџери кои во 2016 година заработија, како што пишуваа неколку светски медиуми, „куп пари “ од веб страници кои ширеа дезинформации за американските претседателски избори.
Румен Наумовски, пак, во 2022 година незаконски донирал над 3 илјади долари во кампањата на кандидатот за американскиот Конгрес, Рот Ваткинс.
Донацијата на Наумовски е нелегална затоа што на странските државјани, според американските закони, им е забрането да донираат во политичка кампања.
„Немам коментар“, беше кусиот одговор што ни го даде Наумовски на нашето барање да ја слушнеме неговата приказна, пред да ја спушти слушалката.
Но, на прашањето за тоа дали очекува санкции по откритието дека незаконски донирал пари во американска кампања, во порака на Вибер ни го посочи одговорот што го објавил на социјалната платформа Телеграм во 2022 година.
„Дадов онлајн придонес за политичка кампања во САД, не сфаќајќи дека тоа ми е забрането како некој што има американска виза, но не и зелена карта. За неколку минути откако дознав, контактирав со кампањата, која веднаш ми ги врати парите. Ја сакам Америка и никогаш намерно не би прекршил никаква мерка. Живеј и учи!“, беше одговорот на Румен Наумовски.
slobodnaevropa.mk




