Мерц бара помалку регулатива за европската економија

Пред самитот на ЕУ во Антверпен, Германија и Франција повикаа на реформи за справување со кризата во економијата, иако со различни приоритети. Германскиот канцелар Фридрих Мерц на средба со претставници на индустријата се залагаше за далекусежно елиминирање на регулативите за бизнисите. „Мора да го дерегулираме секој еден сектор“, рече тој и посочи дека мали прилагодувања на законите не се доволни. Како пример го наведе законот на ЕУ за синџирите за снабдување кој неодамна беше олабавен. Европските институции „не се толку брзи колку што треба да бидат“, додаде канцеларот.

Европа треба да стане „самостојна сила“
Францускиот претседател Емануел Макрон инсистираше на брза заштита на европската индустрија од нелојална меѓународна конкуренција. Тој не се залага за протекционизам, но ЕУ мора да дејствува „за да стави крај на фрагментацијата, слабеењето и веројатното понижување на Европа“, потенцираше Макрон. Европа мора да стане „самостојна сила“. Тој повторно побара европските компании да бидат преферирани на тендерите во јавниот и приватниот сектор посочувајќи дека во Кина и САД тоа одамна се практикува. ЕУ е „луда“ што ги третира европските и другите компании подеднакво, смета Макрон и истакна дека без заштитни регулативи, во Европа нема да остане челична или хемиска индустрија за три до пет години. Тоа би имало и катастрофални последици за фармацевтската и земјоделската индустрија. ЕУ мора многу брзо да дејствува.

Фон дер Лајен за квотата „Произведено во Европа“
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање се покажа отворена за предлогот на Франција за воведување задолжителни квоти за европски производи во јавните инвестиции. Јавните набавки се моќна алатка за индустријата, рече таа. ЕК во врска со ова прашање ќе претстави нацрт-закон во следните недели. Потегот сепак е контроверзен, а некои членови на индустријата се плашат од високи трошоци. Мерц затоа предупреди дека ваквите квоти „Произведено во Европа“ мора да бидат ултима рацио. Тој побара да се применуваат само во особено важни сектори.

 

 

DW