Министерството за финансии потврди времен прекин на исплатите на пари од ИПАРД програмата

Северна Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на Европската унија донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата.

Овој потег следува по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и апсењето на петмина осомничени за поткуп, меѓу кои и директорот на Агенцијата, Илија Стоилев.

„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, соопшти Министерството за финансии.

Националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД инструментот веќе преземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања. Северна Македонија од Европската комисија уште од 2009 година го има добиено од правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот.

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски рече дека нема најава за блокада на ИПАРД средствата. Вакво тврдење претходно изнесе неговиот претходник Љупчо Николовски, велејќи дека ИПАРД програмата е стопирана, а илјадници земјоделци ќе имаат целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма.

Како што се наведува во соопштението од министерството, Трипуновски посочи дека веднаш акцијата која ја спроведе Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

„Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД средствата“, појасни министерот Трипуновски.

 

 

slobodnaevropa.mk