Интервју на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за Плусинфо
Плусинфо: Името на наследникот на Зоран Заев е Димитар Ковачевски. Каков е вашиот став околу промената во врвот на СДСМ и на Владата на Република Македонија?
Христијан Мицкоски: Овој потег на Заев го ценам како веслање на суво. На овој начин тој повторно се обидува да ја навреди интелигенцијата на македонскиот народ. Ако мисли дека со тоа што номинира лице коешто е релативно непознато за јавноста и дека на тој начин јавноста ќе заборави дека 52 месеци се тие власт и дека 52 месеци ја пљачкосуваат, понижуваат и распродаваат Македонија. Како гарнитура на власт која четири и пол години владее со Македонија, таа прави уште еден неуспешен маневар, кој има за цел да направи едно фино приземјување надвор од политиката и брза евакуација и дислокација на сето тоа што е ограбено досега. Секако е дека е и обид да се сокријат сите незаконски дејанија што Заев ги правеше во изминатиов период. Не мислам дека од ова ќе излезе значаен и квалитативен исчекор, бидејќи овој човек (Ковачевски) досега беше заменик-минисер за финансии и ние во тој период немаме некаква брилијантна реформа во сферата на монетарната политика, напротив доколку го погледнете дефицитот ќе се уверите дека изнесува повеќе од 500 милиони евра, реализацијата на капиталните инвестиции е катастрофална, на висина од 250 милиони евра, што значи дека имаме двојно повеќе дефицит од капитални инвестиции. Долгот е сè поголем, економијата е ужасна, а на ниско ниво се и директните странски инвестиции, како во ниту една земја од регионот. Албанија, Косово и Србија се далеку од Македонија по глава на жител. Така што, овој политички маневар, уште еднаш ќе повторам, го ценам само како обид да се навреди интелигенцијата на овој народ и обид да се влијае врз гласачите, со цел да се заборави на тоа што оваа Влада ѝ го има направено на земјава во изминатиов период.
Плусинфо: По неуспешниот обид да ѝ се изгласа недоверба на Владата, вие најавивте ново опозициско делување. Дали тоа значи дека повеќе нема да бидете конструктивни во релациите со власта?
Христијан Мицкоски: Јас лично и лидерите на партиите коишто влегоа во операцијата за изгласување на недоверба на Владата, бевме водени од идејата во моментот кога видовме дека актуелната Влада направи многу проблеми кои само ќе се продлабочуваат, а нема капацитет за да ги реши. Ние како државотворна партија сакавме да влеземе во костец со проблемите и да помогнеме. Никој од нас, во ниту еден момент не размислуваше за грабање на власта, тоа не нè интересираше. Но, тие се одлучија да изведат дивјачки чин. Иако господинот Кастриот Реџепи презентираше една вистина, тој и самиот знае дека тоа што го вели не е точно. Се гледа од неговите фацијални експресии дека тоа што го говори не е ниту приближно до вистината. Но тоа е сега зад нас. Новото опозициско делување што го најавивме е новитет во политичката историја на Македонија. За првпат една опозициска партија направи толку добар резултат на локалните избори. Имаме 42 градоначалника, а ја поддржавме и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Во моментов се реализира тоа што е ветено на изборите. Затоа и јас постојано одам од место во место, бидејќи во кампањата го барав гласот на народот со ветувањата што ги даваа градоначалниците. Околу две третини од жителите во земјава живеат во општините во кои на власт се градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Ние тука можеме да покажеме дека кога ќе ја добиеме централна власт, какви ќе биде нашите приоритет, а тоа секако дека ќе биде исполнување на ветеното. Мотивиран од тоа, јас сега одам да го проверам што е исполнето од ветувањата во сите општини кадешто победивме.
Плусинфо: Тоа значи дека колку ќе бидат добри вашите градоначалници, вклучително и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовка, која вие ја поддржавте во кампањата, толкав ќе биде и успехот на вашата партија на наредните парламентарни избори?
Христијан Мицкоски: Правилно оценивте. Тоа е влезната компонента на равенката и граѓаните на следните предвремени парламентарни избори ќе ценат и ќе гласаат врз основа на тоа што овие луѓе, што сега ја добија нивната доверба ќе успеат да го испорачаат. Можеби тоа нема да биде 100 отсто поради така, но убеден сум дека одлуката прво да се излезе да се гласа на парламентарните избори, а потоа гласот да ѝ се додели на коалицијата преводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе зависи од тоа колку овие градоначалници биле успешни.
Плусинфо: Да претпоставиме дека во иднина ќе станете премиер на Македонија. Како тогаш вие би се поставиле во преговорите со Бугарија?
Христијан Мицкоски: Оваа Влада го заплетка спорот, поради својата брзоплетост и неспособност. Се умислија дека се главни на Балканот, после сите оние посети на претставници од меѓународната заедница, во времето кога го менуваа уставното име на земјата. Гледајќи над облаците, помислија дека сите во регионот ќе им се поклонуваат и дека сите проблеми сами од себе ќе се решат. Но, видовме дека тоа не е така. Уште на самиот почеток од мандатот, Заев го потпиша билатералниот Договор за добрососедство со нашиот источен сосед и рече дека нашите проблеми се решени. Но, како и во многу други ситуации, излезе дека тој не ја говорел вистината. Но не само што не ја говорел вистината, туку тој продолжи да лавира во ставовите. Од една позиција, каде што говореше дека Бугарите во Втората светска војна не биле фашисти и окупатори, туку биле некаква администрација во Македонија, дека ги ослободиле Куманово, Крива Паланка и уште неколку градови во Македонија. Не верувам дека тој до толку елементарно не ја познава историјата, туку претпоставувам се обидувал да испрати некакви пораки со цел нашата држава да добие датум за преговори со Европската Унија. Но потоа ја видовме другата крајност, кога се однесуваше брутално во црната кампања смислена за кандидатката за градоначалничка на Скопје што ние ја поддржавме, Данела Арсовска, напаѓајќи ја со измислени обвинувања за бугарско државјанстово, наметнувајќи го тоа како смртен грев. Имаме две крајности. Од една страна гледаме прелиберална политика, а од друга страна тврда националистичка реторика. Тоа внесува хаос во спорот со нашиот сосед. Јас мислам дека со работи што се случиле пред два или три века, нема да можеме да најдеме заеднички јазик за иднината. Со источниот сосед може да разговараме за образование, за култура, проекти, заеднички капитални инвестиции, да градиме автопати и брзи железници, а историјата да им ја оставиме на експертите. Историјата не смее да биде причината за Бугарија да го кочи европскиот процес на Македонија. Секоја помош од нивна страна, како знаење и искуство во процесот на зачленување во ЕУ е добредојден. Спремни сме за сè да разговараме, но работите што се случиле во минатото сметам дека нема да донесат никакво решение. Апелирам до бриселските бирократи да влијаат врз нашиот источен сосед, за овој проблем да биде надминат во европски дух.
Плусинфо: Како во моментов може да се реши енергетската криза?
Христијан Мицкоски: Со многу пари и тоа пари од граѓаните. Ние сега и да сакаме да се справиме со кризата не можеме поинаку. Зошто? Затоа што кога цените на нафтата беа ниски, ние не создадовме залихи. Не ги антиципиравме правилно ризиците и не ги зголемивме залихите. Тогаш можевме да купиме доволно мазут, нафта и нафтени деривати по многу ниски цени. Кога цената на струјата беше ниска ние не купивме фјучерси и кога требаше да направиме ремонти во енергетските капацитети и да ги отвориме рударските окна за да може денес да копаме јаглен, ние тоа тогаш не го направивме. Наместо тоа да биде сторено, властодршците се организираа во картелски здруженија, со цел да остваруваат лични профити. Четвртата аномалија во целиот процес е лошото менаџирање со водниот потенцијал. Резервите со вода кои се користат за производство на електрична енергија се на нула. Значи не на минимум, туку на нула. Оваа ситуација ќе се исправи со трошење на буџетски средства. Ако ја следиме стапката на средствата кои до сега се потрошени за купување на струја и сервисирање на загубите од задоцнетите ремонти, тогаш до крајот на зимата сумата за санирање на кризата што ќе треба да се издвои од државниот буџет би можела да достигне и 250 милиони евра.
Плусинфо: Дали расчистивте со товарот од минатото, создаден во времето на Никола Груевски?
Христијан Мицкоски: Немаме ние пизма поврзана со минатото. Ова е нова генерација на ВМРО-ДПМНЕ, која се докажа на изборите. Две убедливи победи во двата круга, поголеми од секоја друга победа во минатото. Тоа е резултат на многу работа, труд и стратегија. Јас сум им благодарен на моите соработници во партијата. Во минатото беа направени многу лоши, но и многу добри работи. Немам намера да говорам за моите претходници (Љубчо) Георгиевски и Груевски, бидејќи така сум воспитан. За луѓето коишто веќе не се дел од партијата нема да говорам ни добро, ни лошо. Ние сме политичари и нашето вреднување се валоризира со поддршката што ја добиваме на избори.