Мицкоски за Платформата 1198: Економијата е нашиот фокус, се обврзуваме на раст на БДП до 5% годишно, отворање на 55.000 работни места, намалување на даноците и капитални инвестиции од 3 милијарди евра

Најдоминантно значење има економијата. Со Платформа 1 198 се обврзуваме на раст на БДП до 5% годишно, ниска стапка на инфлација не повеќе од 2,0%- 2,5% годишно, буџетски дефицит кој што постепено ќе се намалува на ниво под 3,0% од БДП, намалување на невработеноста до 7,5%. Односно создавање на нови 55 илјади работни места. Ќе ги намалиме даноците – Македонија да биде меѓу земјите со најниски даноци за фирмите и граѓаните. Ќе го задржиме рамниот данок; данокот на личен доход од 10% нема да се зголемува. Даночно ослободување кај данок на личен доход ќе има за нововработени млади лица до 29 години со цел задржување на младите во економијата. Подигнување на прагот за регистрација на ДДВ од два на три милиони денари за консолидиран промет на сопственички поврзани обврзници. Ќе направиме целосен поврат на данок на личен доход за секоја вработена жена со новороденче, данокот на добивка останува со стапка од 10%, враќање на даночните поволности на фирмите (признат расход) за уплатените премии за доброволно здравствено и животно осигурување со цел задржување и мотивација на вработените. Се обврзуваме на капитални инвестиции од најмалку 3 милијарди евра. Ќе ја редизајнираме процедурата за поврат на ДДВ и ќе доделуваме статус на „зелена карта” за олеснета постапка на поврат на ДДВ вели Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната промоција на изборната програма со која ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи на парламентарните избори наречена Платформа 1198.

Мицкоски додаде дека програмата се потпира на најсвежите истражувања, успешните компаративни искуства, како и конкретни акции кои ќе доведат до изградба на здрава демократска држава која повторно ќе биде во рацете на граѓаните. Програмата не само што ги препознава, туку и ги решава реалните проблеми со кои во континуитет се соочува општеството.

Мицкоски посочи дека квалитетното и модерно образование се смета за темелен аспект од кој е условен развојот на Македонија. Во таа смисла, Програмата се залага за и квалитетен живот, обезбедувајќи прилика за секој да ги развива своите потенцијали. Во исто време, таа се посветува и на изградбата на квалитетен, ефикасен и правичен здравствен систем кој ќе биде достапен по исти услови и на ист начин за сите граѓани. Земјоделие кое ќе биде водено од горди и задоволни земјоделци.

Во борба за правдата, Платформа 1198 работи и на осигурувањето на еднакви права за сите. Програмата предвидува конкретни реформи и мерки што се наметнуваат како неопходни за повисок животен стандард, како и за повисоки плати и пензии, рече тој.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски укажа дека во областа на земјоделието, програмата се залага за поддршка на малите и средните земјоделски производители, со фокус на технолошките иновации, обуките и правилното управување со ресурсите. Ова не само што ќе ги подобри условите за работа во руралните области на Македонија, туку ќе придонесе за подобар и одржлив развој на земјоделието преку осигурување на сигурна и квалитетна храна за сите граѓани.

Во делот на енергетиката, претседателот Мицкоски рече дека во програмата Платформа 1198 се планира следење на иновациите во областа на обновливите извори, поддршката на политиките за енергетска ефикасност, како и подобрувањето на инфраструктурните капацитети се клучните аспекти на планот за одржлив енергетски развој.

Во секторот енергетика, Платформа 1198 промовира користење на различни и еколошки извори на енергија. Следењето на иновациите во областа на обновливите извори, поддршката на политиките за енергетска ефикасност, како и подобрувањето на инфраструктурните капацитети се клучните аспекти на планот за одржлив енергетски развој. Ова не само што ги ќе ги стави во режим на оптимален капацитет енергетските ресурси, туку и ќе креира работни места во секторот на зелената економија, потенцираше тој и додаде:

Екологијата, како дел од Платформа 1198 е важна вредност во оваа програма. Во овој дел документот предлага конкретни политики во насока на зачувување на природните ресурси, борбата против климатските промени и подобрувањето на квалитетот на животот. Тоа вклучува имплементација на мерки за смалување на отпадот, поддршка за еколошки иницијативи и обезбедување на чист воздух и вода за сите граѓани.

Во однос на инвестициите во програмата има концепт за привлекување привлекување на домашни и странски инвестиции кои ќе ѝ дадат нова енергија на економијата.

Во доменот на инвестициите, Платформа 1198 промовира концепт за откривање и привлекување на домашни и странски инвестиции кои ќе ѝ дадат нова енергија на економијата. Истовремено, програмата се залага и за ефикасно управување со финансиските ресурси, поттикнување на иновациите во приватниот сектор, како и поставување на одржлив економски развој. Ова не само што ќе креира поволни услови за бизнис, туку и ќе обезбеди долгорочен економски раст кој ќе носи бенефит за сите граѓани, изјави Мицкоски.

Претседателот Мицкоски во текот на своето обраќање се осврна и на млади каде посочи дека ќе се зголеми учеството на младите во политиката, како и понуди мерки за современо образование, полесно студирање преку стипендии и друга помош.

Младите се една од фокалните точки на овој документ. Исправно детектирајќи ги нивните предизвици и копнежи, се вообличуваат јасни мерки кои на еден модерен начин ќе овозможат реализирање на клучни приоритети и тоа почнувајќи од зголемувањето на младинското учество во политиката на сите нивоа, преку нов концепт кон развој и промоција на индивидуалниот и колективниот спорт сé до мерки со кои ќе се осовремени образованието, ќе се олесни студирањето преку стипендии и друга помош и ќе се постават новите основи за динамичен развој на од државата потпомогнатото младинско претприемништво, рече Мицкоски.